Зошто НАТО и ЕУ?
Фатмир Бесими
Кога ќе помине еуфоријата, тоа што останува, е прашањето: Дали со членството во НАТО и ЕУ ќе ни биде подобро од денес и каква перспектива ќе имаме? Досега поминавме долг пат и со многу предизвици и со правилни и храбри одлуки тука сме сосема заслужено. Сепак, ова не е момент за опуштање, напротив, треба да се помине тежок дел и макотрпна работа на реформите. И тоа вреди да се исчекори до крај!
Вреди! Со членство во НАТО и ЕУ ќе има повеќе придобивки за граѓаните на Република Македонија: Се цементира идната стратегиска определба – заедно и еднакви, на иста одлучувачка маса да бидеме со развиените демократии и економии од Западот. За да ни биде јасно, доволно е да се погледнат искуствата на тие што го поминале овој пат, односно земјите од Централна и Источна Европа, а некои од нив беа и поназад од нас на почетокот на транзицијата во 1990-тите години. Сега тие се дел од Европска Унија и НАТО. Тоа е добра лекција. Земјите од Централна и Источна Европа, кои станаа членки на НАТО во 1999 година, потоа со големиот бран на проширување на ЕУ во 2004 година, по што во НАТО се приклучија Албанија и Хрватска во 2009 година (возот што го испушти Македонија), за потоа во 2013 година Хрватска да се приклучи во ЕУ и минатата година Црна Гора стана 29-та земја членка на НАТО. Од нивните искуства најдобро ќе дознаеме што може да очекуваме. Верувале или не, нè очекува добра вест, која влева оптимизам за нашата иднина на патот по кој чекориме.
Трагајќи по искуствата на овие земји, можат да се набројат многу позитивни работи, базирани на податоците на Еуростат и Светска Банка за економските движења, иако некој може да замери дека ќе има и работи кои нема да бидат онака добри како што ги замислуваме. Да, така е, но овие десет факти, или поврзани чекори кои водат од еден кон друг од првиот до десеттиот, претставуваат цврсти аргументи за придобивките што ќе ги почувствуваат нашите граѓани од интеграцијата во НАТО и ЕУ.
Прво, членството во НАТО и ЕУ значи зајакнување на геостратегиските позиции на Република Македонија. Како рамноправна членка во НАТО и ЕУ, ќе можеме да одлучиме за важни глобални и геостратегиските прашања за кои инаку немаме можност да влијаеме ако не сме членка. Со зачленување во НАТО и ЕУ, по принципот на „еднаков меѓу еднаквите“ и принципот на солидарност, ќе имаме можност за влијание и еднакво право во носење на одлуките во овие организации.
Второ, со членство во НАТО се зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој. Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.
Трето, членството во НАТО и ЕУ ќе придонесе за поголема демократизација и подобро владеење. Земјите членки покажуваат поголем напредок во однос на кредибилноста на институциите, ефективност на владата, владеење на правото, слободата на изразување и контрола на корупцијата. Динамиката на реформите се забрзува со членството во НАТО и ЕУ.
Четврто, членството во ЕУ значи влез во еден од најголемите и најразвиени пазари на светско ниво, со што се зголемуваат перспективите за економски раст. Тоа е пазар од 500 милиони жители или 7,5 отсто од светската популација, односно во најголемата светска економија со учество од 23,8 отсто од светскиот БДП, по која следуваат САД со 22,2 отсто и Кина со 13,4 отсто во 2014 година. Според ова, интеграцијата во ЕУ за Македонија ќе значи влез во 25 пати поголем пазар, со значително пониска стапка на невработеност и повисок стандард на живот.
Петто, членството во НАТО и ЕУ придонесува за подобра бизнис клима и подобар кредитен рејтинг за Македонија. Односно, земјите членки покажуваат побрз напредок во структурните реформи за подобрување на деловната клима и за развој на приватниот сектор. Стабилноста заедно со предвидливоста на политиките влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на инвестициите.
Шесто, членството во НАТО и ЕУ доведува и до зголемување на вкупните инвестиции во земјата. Безбедноста, стабилноста и поволната деловна клима ги охрабруваат домашните и странските инвеститори, кои се поддржани и со зголемена кредитната активност на банкарскиот сектор. На пример, странските директни инвестиции во Естонија, Латвија и Бугарија се зголемиле трикратно во првите три години по членството во НАТО и ЕУ, слично и во Албанија истата година на членството во НАТО, странските директни инвестиции се дуплираа.
Седмо, членството на НАТО и ЕУ е проследено со тренд на отворање на нови работни места и намалување на невработеноста. Новите инвестиции креираат нови работни места, кои проследено со инвестиции во новото знаење и технологија (know-how), како и реформите во образованието ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на домашната економија. Статистиките го потврдуваат ова со забрзан тренд на намалена невработеност по членството во ЕУ и НАТО.
Осмо, членството во ЕУ значи и поттик за зголемување на конкурентноста и извозот. Новите земји членки имаат позабрзан раст на продуктивноста на трудот. Зголемената конкурентност ќе значи зголемување на извозот и трговијата и побрз економски раст. Со тоа економијата ќе биде подготвена за конкуренцијата во големиот европски пазар, кој воедно претставува најголем трговски партнер на Македонија.
Деветто, членството во ЕУ и НАТО придонесува и за забрзување на економскиот раст. Новите земји членки бележат поголем економски раст и побрзо се доближуваат до животниот стандард на ЕУ-28. Односно, новите членки растат побрзо од земјите на Западен Балкан. Како пример, Латвија и Македонија беа на исто ниво од 20 отсто од БДП по глава на жител во однос на просекот на ЕУ-11 во 1995 година, додека во 2015 година Латвија стигна до 50 отсто, а Македонија до 25 отсто. Поконкретно, при влезот на Латвија во НАТО во 2004 година растот на БДП во оваа земја изнесувал 8,3 отсто и истиот порасна последователно на 10,6 отсто и на 11,8 отсто во наредните години.
Десетто, и конечно, членството во ЕУ и НАТО значи повисок животен стандард и подобар квалитет на живот за граѓаните. За ова доволно е ако ги споредиме искуствата на земјите од Западен Балкан со земјите кои станаа членки на ЕУ во последните две децении. Ако ги споредиме БДП по глава на жител во однос на од просекот на ЕУ-28, ќе забележиме дека Западен Балкан со една третина од просечниот БДП на ЕУ се наоѓа зад новите членки кои се на ниво од две третини од просекот на ЕУ и кои покажуваат предност и во другите индикатори за квалитет на живот, како што се квалитет на образование, здравство и останата социјална инфраструктура.
И на крај, на овој пат не сме сами. Со членството во НАТО и ЕУ ќе се зголеми и финансиската помош од странство и од европските (структурни фондови) и меѓународните финансиски институции. Сепак, и покрај целата поддршка што може да се очекува од надвор, решението е меѓу нас, нашите обврски остануваат на нас, и ние треба да ги направиме тие промени,а добитници на крај ќе бидеме ние, односно нашиот граѓанин!
(Авторот е поранешен вицепремиер за европски прашања и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа)