За голготата на невино осудените
Ѓорѓи Спасов
Со одлуката на специјалното јавно обвинителство да го повлече обвинението за случајот „Сопот“ укинати се пресудите на 12 лица од селото Сопот кај Куманово. Тие според обвинителството биле неправедно осудени за подметнување мина под возило, во кое по експлозијата во март 2003 година загинаа три лица. Шестмина осудени во овој случај беа притворени таа година и поминаа низ судските лавиринти и во затвор цели 15 години.
По овој повод треба да се потсетиме дека уапсените биле осудени врз основа на лажно сведочење изнудено од сведок со тортура и закани по живот од страна на полицијата. Соочени со немоќта да ги пронајдат вистинските виновници за терористичкиот акт, во кој загинаа и двајца припадници на контингентот на КФОР од Полска, полицијата и истрагата пристапиле кон измислување виновници, со помош на изнудени „докази“ само со цел да ја демонстрираат својата „способност и успешност“ во решавањето на таквите случаи. Тогашното обвинителство, кое го води случајот пред судот во Куманово, бара најстроги казни за „сторителите на делото“ и 12. обвинети лица, во различни постапки, се осудени на вкупна казна од 150 години затвор.
Веќе во 2006 година се менува владата, но потоа повторно во 2008 година. Се менуваат и јавните обвинители, но жалбената постапка на осудените се одолговлекува и дури во март 2010 година Апелацискиот суд, и покрај тоа што нашол процесни недоследности, ја потврдува првостепената пресуда. Таа година подоцна, анкетна комисија на Собранието на Македонија го разгледува случајот „Сопот“ и, врз основа на нови докази за лажното сведочење, надлежните судски органи решаваат судските постапки против обвинетите да ги спојат во еден предмет и одново да им се суди во првостепена постапка.
Невино осудените во случајот „Сопот“ остануваат во затвор со надеж дека ќе се докаже нивната невиност во повтореното судење кое започнува 2011 година, но кое, заради бавноста на нашето судство, со разни изговори, не завршува ниту до 2017 година. Во 2011 година се формира нова влада на ВМРО и на ДУИ и се прогласува амнестија за хашките случаи во врска со командната одговорност на ОНА за мавровските работници, Непроштено, мотелот „Бриони“ и киднапираните лица во време на конфликтот, но селаните од Сопот остануваат во затвор. И дури по објавувањето на „бомбите“ од страна на Заев станува јасно дека се работи за класично калемење вина од страна на полицијата и судството за дела што не се сторени од осудените.
Од „бомбите“ на Заев слушнавме разговор меѓу Јанкуловска и Мијалков, воден по победата на изборите во 2011 година, во кој тие признаваат дека судот нема докази за стореното дело од страна на обвинетите, дека лицата во овој судски процес се обвинети врз основа на изнуден лажен доказ со помош на тортура, и размислување дека за ВМРО да го задоволи својот партнер во власта ДУИ добро било обвинетите прво да бидат осудени во повторното судење од „независното судство“, а потоа да бидат ослободени преку помилување – за државата да не плаќала штета.
Откако јавноста го слушна тој разговор во 2015 година, се зголемија граѓанските протести против таквите полициско судски местенки, а штотуку формираното специјално јавно обвинителство побара надлежност над тој случај. Но, Обвинителството за гонење организиран криминал – кое тогаш се уште го водеше Јован Илиевски, кој стана судија во Меѓународниот суд за човекови права и во чија надлежност беше случајот „Сопот“, место да го отстапи случајот на СЈО, реши да му го препрати на одлучување на Советот за јавни обвинители со кој претседаваше Петар Аневски и во кој членуваше државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Разгоропадениот Петар Аневски тогаш изјавуваше дека СЈО не е надлежно за тој случај, туку само за случаите од прислушуваните разговори водени од 2008-2015 година. Со тоа Советот за јавни обвинители им ја продолжи голготата на осудените. Дури во јули 2017 година, по излегувањето на ВМРО од власта, Основното јавно обвинителство реши случајот „Сопот“ да му биде предаден на СЈО.
Оттогаш до 18 март оваа година обновениот судски процес беше одложуван со најбанални образложенија, како и многу други процеси во судството, за конечно СЈО да објави дека го повлекува обвинението за обвинетите лица, со образложение дека нема докази со кои може да се утврди обвинението за нив, по што тие беа ослободени.
Сега се поставува прашањето, дали како општество ќе дозволиме еден јасен случај на намерно накалемена вина да помина само како „вообичаена и можна грешка на судството и на полицијата.
Дали лицата, кои имаат име и презиме и во еден ваков конкретен случај изнудувале лажни докази со тортура, користеле лажни сведоци за некого да обвинат и осудат, суделе и осудувале лица на најтешка казна без доволно докази, ќе може да продолжат „да си ја вршат својата работа“ како полициски инспектори, обвинители и судии?
Ослободувањето на невини лица од вина по долгогодишната полициско судска голгота не е победа на правдата над неправдата. Победа на правдата би била кога секој од оние што придонеле за тоа и такви нешта да се случуваат би биле изнесени пред лицето на правдата и би му се судело, за никогаш тоа да не се повтори. Сѐ додека тоа не се случи, ништо суштествено нема да се промени и никој од нас не е безбеден. Можеби наскоро ќе се дознае дека немало докази за вина и на осудените во случајот „Монструм“, за убиените кај Смиљковското Езеро, како што се докажа дека немало вина и на многумина кои по разни основи беа судени и лустрирани во Македонија. И, сите виновници за сторените неправди во минатото треба да одговараат и од свој џеб да ги платат сите судски обесштетувања.
Правдата во Македонија почна да се раѓа кога Зоран Заев почна преку „бомбите“ да ја објавува „Вистината за Македонија“, кога се роди граѓанската и мултиетничка солидарност против криминалот и неправдите и кога под тој притисок се создаде специјалното јавно обвинителство. Оттаму е целосно бесмислено тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека ова ослободување на невини лица е доказ за спроведување на тиранската платформа од страна на Заев преку СЈО. Ако е така, тие што се противат на спроведувањето таква платформа се против правдата и праведноста. Македонија не смее да дозволи пробуденото чувство на граѓаните за правда и граѓанска солидарност да се изгуби.