Е мој Дарвине


Звонко Давидовиќ

Каква природна селекција, каква еволуција, какви бакрачи, кај нас ништо од Дарвиновата теорија не важи, особено кога се работи за македонското судство. Ниту највредните напредуваат, ниту најодговорните се на високи места, ниту најспособните раководат, ниту има позитивна селекција и нормална еволуција. Во нашето судство најнеспособните се на највисоките места, најнеодговорните се на најодговорните позиции, полтроните се вечни, а сончогледите виреат како печурки по дожд. Правната логика, со која се гордее секој правен систем освен нашиот, многу одамна кај нас не вирее и заменета е со логиката на послушниците во која освен нив апсолутно никој не може да види никаква логика. Правната мисла е заменета со политичко полтронство и додворување, па секому му е јасно дека во нашето судство никој и не мисли со својата глава, односно не мисли воопшто. Во нашето судство секој секого оговара, ама никој никому не одговара. Само кај нас оние што ги избираат судиите и се нарекуваат Судски совет немаат никаква одговорност кон никого и кон ништо. Критериумите за избор или разрешување на судиите, нивното напредување или наградување се дневно политички одлуки што зависат од моменталната политичка ситуација или волја и желба на некој поединец, која е особено изразена во тефтерчињата и пусулчињата. Милам дека тоа се единствените пишани документи што некои луѓе во судството и ги прочитале во изминативе години.

Некогаш нашето судство беше гордост и пример за нашето општество. Не дека сѐ беше совршено и идеално, но судството некогаш функционираше и граѓаните во него имаа доверба. Бели глави раководеа со него и знаеја да одолеат на притисокот и на политиката, како и на моќниците од бизнисот. Твореа и размислуваа, а нивните одлуки беа долго време пример и урнек од кој студентите учеа. Се обидуваа уште повеќе да ја обезбедат самостојноста и независноста на судството и успеаја во таа своја борба да обезбедат орган што ќе ги избира судиите, а ќе биде составен од нив самите. По долго време судиите добија траен мандат и повеќе не стравуваа дали ќе бидат избрани на секои 4 години, наместо тоа се избираа самите меѓу себе и нивниот мандат беше сѐ до нивното пензионирање. Како еден од гарантите на самостојноста на судството, покрај изборот и разрешувањето и трајниот мандат, беше самостојниот судски буџет.

И, сѐ она што беше гарант за самостојноста и независноста на судството стана алатка и маша во рацете на неколкумина што го узурпираа запоседнувајќи ги најистакнатите и највисоките позиции благодарение на кумовските врски, својата неспособност и сервилност, морална пропаднатост и неморална податност.

Е, мој Дарвине, овде кај нас во судството од мајмуни не стануваат луѓе, туку процесот е обратен. Белите глави и нивните седи коси наеднаш ги заменија налицкани типови кои мислеа дека судството е наследство од татко им. На чело на судскиот совет почнаа да се редат анонимуси кои никогаш во својот живот не напишале пресуда, а нивното најголемо достигнување беше што воопшто станале судии. Безлична маса на безлични сурати без свое јас, без знаење и умеење почна да го обезличува судството. Тешко е нешто да изградиш, тешко и мачно, рекле некогаш старите, тешко е да создадеш и да го сочуваш, трае со години, а лесно е истото да го срушиш и обезличиш, да го растуриш и разнебитиш, треба само миг.

Сите атрибути на власта што ги имаше судството почнаа полека да се селат на други места во туѓи раце. Прво судот го изгуби извршувањето на своите одлуки. Поради неспособноста на судството да ги спроведе во живот одлуките што ги носеше правораздавајќи, извршната власт заедно со законодавната ги создадоа извршителите. Нема овде да заоѓам во оправданоста за постоењето на извршителите и нивниот „углед“, кои го имаат меѓу луѓето ниту во државното приватно партнерство помеѓу државата и нив, нивната заработка и монополот, за тоа во некоја друга прилика. По извршувањето на своите одлуки, судството полека почна да губи дел по дел од својата надлежност, регистрациите, заверките, оставинските постапки…. Губеше судство дел по дел од своите надлежности, но најмногу загрижуваше тоа што почна да се губи себеси.
Тоа беше крајот на нормалното судство градено со децении, со труд, знаење, со чувство за правда за секого, еднаквост пред законот. Тоа беше почетокот на сваровски-судството зачнато на темелите на полтронството, неспособноста, тефтерчињата, фамилијарно-сексуалните врски, моралната и професионална ретардација. Е, мој Дарвине, овде најнеспособните преживуваат и напредуваат, овде кај нас најнеспособните ги избираат неспособните, доминираат морално сакати и професионално неизградените ликови и типови.

Само кај нас нема казна и одговорност кога судија и член на Судски совет ќе го фатите како ја злоупотребува својата функција, како лаже и се деградира, и себеси и целокупното судство, Само кај нас нема казна и одговорност кога изборот на судии се врши од тефтерчиња на партиска координација и телефонско реферирање во кабинетот на премиерот. И сето тоа ќе го чуе целокупната македонска јавност и нема казна, нема одговорност и најлошо од сѐ, нема ни срам кај истите. Само кај нас судија прави дивоградби непречено и неказнето, само кај нас законот важи за обичниот народ, за рајата, но не и за судиите и обвинителите, за членовите на Судскиот совет и за Советот на обвинители. Само овде во нашата прекрасна Македонија оние што правораздаваат се вечни, никому неодговорни, над законот се и за нив ништо не важи, освен едно правило – кој е на власт биди со него.

Секое чудо за три дена, рекле старите, и не згрешиле. Многу афери, сомневања за сторени кривични дела од правораздавачите се забораваат, забошотуваат, затскриваат зад поголеми или помали интереси, сеедно, но реакција на правниот систем нема. Не може ни да има кога истите тие се правниот систем, за жал. Сеедно кој ќе дојде на власт, истите сурати се на истите места само сега како реформатори. Како можеме да очекуваме нашиот правен систем воопшто да профункционира кога досега казна за никого нема, и тоа во ситуации кога постои реално сомневање и докази за сторено кривично дело, како злоупотребата на АКМИС, на пример. Како воопшто можеме нешто да очекуваме од истите ликови што со години ја злоупотребуваа судиската функција или молчеа гледајќи го пропаѓањето на судството не отворајќи уста за насилството и криминалот што се случува во судските сали и канцеларии. Што да очекуваме од таквото судство во кое дури и подмладокот е расипан уште не заседнат во судските или обвинителките фотелји и фалсификува дипломи.
Е, мој Дарвине, само една огромна молња наречена генерална реевалуација на работењето на секој судија и обвинител поединечно може да вдахне живот во оваа амебаста маса.