ГАК: Блокираната сметка не е поврзана со донаторската кампања


Блокадата на сметката на Клиниката за гинекологијата и акушерство(ГАК) е поради долгови од пред десет години и не е поврзана со донаторската кампања што почна лани, соопштија од Клиниката, по информациите дека ГАК собира донации за да се опреми.

„Блокадата е поради исплати по извршни решенија од суд. Станува збор за судиски процеси водени за ретинопатии кај новороденчињата од 2008 година, период во кој воопшто не постоела скрининг програма во државата. Станува збор за оштетувања на видот кај новороденчиња родени со исклучително мала телесна тежина и голема незрелост. Дојдена е извршна пресуда од 40.974.561 денари, сума на процеси од пред 10 години која сега
би требало одеднаш да се плати“, се наведува во соопштението.

Од ГАК велат дека е погрешно поврзувањето на двата случаи.
„Потенцираме дека собраните средства ќе бидат наменети за набавка на нова опрема, опрема која или застарела од изминатите 10 и повеќе години или опрема која не сме ја поседувале. Во моментов располагаме со доволно ресурси за нормално функционирање и во најкус можен рок ќе ја надминеме новонастанатата состојба“, се додава во соопштението од Клиниката за гинекологија.