Возрасни „копиљаци“
Ерол Ризаов
Кога нема судир меѓу власта и медиумите, ме фаќа некое шубе, сомнеж, дека нешто не е во ред. Штом се наруши таа природна и би рекол закономерна спротивставеност меѓу политичарите и новинарите, има сериозна опасност по здравјето на демократијата. Цели 12 години бевме сведоци на создавање болно општество, во што учествуваа и новинари, послушници како корумпирани агитатори и адвокати на режимот. Затоа сега, здраво е и за арно е, на секоја закана врз слободата на говорот да се реагира со жестока осуда не само вербално од новинарите и од политичарите, од јавноста, туку пред сѐ од надлежните институции на системот задолжени да го бранат и да го санкционираат секое загрозување на уставниот поредок и слободата на информирање. Член 16 од Уставот на Македонија.
Тоа е, чинам, главната порака од протестите на возрасните „копљаци“ против заканите кон Насер Селмани, претседател на ЗНМ, што е само непосреден повод да се соопшти нешто многу позначајно, а тоа е да почне процесот за враќање на довербата во медиумите и во новинарството, да се воспостават повисоки стандарди во идните односи меѓу медиумите и властите не само со пишани, туку и со непишани правила. Тие односи никогаш не можат и не треба да бидат идеални, но не смеат да бидат ни насилни ни слугински. Треба добро да се одработи тоа за јавноста да го препознава. Протестите пред Владата беа само еден мал дел од градењето подобра комуникациска култура.
Да се седи во скутот на политиката и да се исполнуваат партиските задачи и директиви на владите, да се биде поткуплив пропагандист место новинар, мора конечно да стане најодвратната работа во новинарството, но и во очите на пошироката јавност. Тоа е предавство на професијата, соучесништво во уривање на најзначајните демократски придобивки кои се негуваат со слободното и непристрасно информирање на граѓаните. Сега е погодно време да се добие таа војна во Македонија. Гледано од овој агол, последните протести на новинарите пред Владата се оправдани по промените на власта, особено поради тоа што се организирани од синдикатите, ЗНМ и новинарите критичари на режимот на Никола Груевски. Затоа воопшто не треба да чуди жестината на реакциите за навредите на Насер Селмани, иако заканите преку социјалните мрежи се наше секојдневие на кое навикнавме и станаа составен дел на ризиците со кои се соочува новинарството повеќе години наназад. Посрамно од ова е само кога корумпирани новинари по нарачка на власта сатанизираат свои колеги и ги прогласуваат за предавници, непријатели и странски платеници.
Видовме и почувствуваме на своја кожа што значи контролирано новинарство и злоупотреба на медиумите. Од пристојното 30. место на светските ранг-листи за нивото на медиумските слободи во 2008 година, од што не бевме задоволни бидејќи тежнеевме кон многу повисоки цели, до 2017 година секоја година тоневме сѐ подлабоко меѓу азиските и африканските диктатури и режими за да стасаме некаде на 135. место, до срамната дупка на неслободни, или како ги викаат полуслободни држави. Затоа, секој обид и за најмал притисок врз новинарските слободи, секоја закана и навреда не треба да се гледа само лично, или како некаква пречуствителност, туку како напад врз јавноста, а не само врз луѓето, новинарите што си ја работат својата работа. Дали тоа значи дека новинарите бараат да бидат недопирливи и да лажат и да клеветат без никаква одговорност? Не, апсолутно не, бидејќи се и самите жртви на напади од таквото лажно новинарство. Заблудата дека професионалните новинари ги бранат манипулантите и фабриките за производство на измислици и навреди на социјалните мрежи би била најпогрешната перцепција во јавноста. ЗНМ и професионалните редакции ќе треба многу појасно и во рамките на новите европски законски регулативи кои се во подготовка да застанат против овие опасни гусари во медиумскиот простор, често поддржани баш од властите и моќниците.
Мислам дека и ние во фелата се претопуваме во општиот амбиент на кратко паметење, како што гледам, присутен и кај возрасните „копиљаци“, дури и кај тие што беа затворани, апсени, тепани, казнувани со баснословни глоби, шиканирани, бркани од работа, компромитирани, понижени, осиромашени и жигосани од режимот на Груевски. Поради тоа, стотици новинари сѐ уште се без егзистенција. Трите некогаш водечки весници се угасија во еден ден по нарачка на власта на заминување. И сега гробарите на новинарството шетаат слободно и солат памет по јавни дебати и трибини. Дали треба за ова да се протестира? Да, ама пред обвинителството да ги забрза истрагите за матните зделки и за исмпумпување на парите на компанијата. Не се сеќавам на протести пред Владата и за ловот на вештерки и прогласување странски платеници и предавници, за лустрирање новинари и уредници кои ја критикуваат владата, немаше протести за закани со смрт, со ширење верска и меѓуетничка омраза, кај тие што ни порачуваа „куршум во чело“ и што ни ги лепеа сликите со шпенагли на телевизиските екрани како најголеми предавници и непријатели. За тоа беа добро наградени и дебело нафатирани новинари кои секоја вечер беседеа со премиерот, со министри и со претседателот на државата. Дури формираа свое здружение на новинарски апологети МАН, демек македонски новинари. Што е сега со „МАН,“ изгледа зариба, или некој сака да го обнови.
Која е вистината за смртта на Никола Младенов. Кој го нарача судењето и пресудата на Томислав Кежаровски на четири и пол години затвор, кој ги затвораше и судеше за шпионажа новинарите, која е вистината со затворањето и уништувањето на телевизијата А1 и пресудите на 112 години затвор, зошто не се осудени тепачите на десетици новинари во годините на груевизмот, кој ги избрка новинарите од парламентот 2012 година, кои новинари беа информирани и на штрек за настаните на 27 април 2017 година и крвопролевањето во Собранието и уште еден куп тешки злоупотреби на слободата на медиумите поттикнати директно од највисоките инстанци на власта, претседателот, премиерот, полицијата, обвинителството и судството, што е карактеристика на тиранија полоша и од диктатура.
Без разврска на сите тие тешки случаи кои задираат многу подлабоко во уривање на општествениот поредок и кои се всушност причината што сѐ уште рецидивите покажуваат рогови, тешко ќе стасаме до целта на пристојно европско општество. За правдата да биде задоволена и за никогаш да не се повтори, мора да има судска разрешница за сите овие погоре наброени случаи. Не знам можеби некој и може да простува, но законот не може да им прости ни на нарачателите ни на извршителите за злоделата во медиумите, против новинарите, против граѓаните и против државата. Но, и ако простиме, никогаш не смееме да заборавиме. Не знам дали мене ми се причинува или е навистина така, како веќе да се подзаборава теророт на режимот и како да се изедначува страховладата со сегашните рецидиви. Не се исти причините и последиците. Треба да се удри посилно по причините. Нели, стари и млади „копиљаци.“