Викенд
Лејла Сабит
Некој дише чист, некој планински, некој морски, а некој моден воздух.
Зависи што ви треба, што ви прави ќеф и без што не можете да живеете.
Работата ја делиме со сите, ама викендот е само наш, интимно, скапоцено време, кое го криеме од очите на јавноста.
Сами, во двојка, во друштво, со семејството, со пријателите, со познати или со непознати, во природа, на брод, на гала-настан, во кревет пред ТВ или со книга, пеш, со кола или на велосипед.
За некого викенд е секој ден, за некого два дена, некој ужива во продолжен викенд, двапати годишно или само на одмор, а некој заглавува во работен викенд.
Тенка е линијата како го трошите викендот, некогаш ни е премалку, некогаш премногу, ама никогаш доста.
За време на викенд ја почитуваме тишината, се соочуваме сами со себе, размислуваме што поминавме и што нè чека, одиме само на скриени места, како во новата песна на Тоше.
За викенд знаеме да се журкаме до сабајле, да јадеме и пиеме од мерак, слушаме гласна музика, за инает да видиме и да бидеме видени и не сакаме да си одиме дома.
Или се опуштаме или премногу си даваме на значење, или сме во пижами, или во тренерки или во облека по последна мода.
Штедиме или трошиме, си велиме баш ми е гајле или пак размислуваме што ќе кажат комшиите и другите.
Во Скопје се случува Моден викенд, есента е како пролет и размислуваме каде за Нова година.
Има ли поубав викенд!