Брзо и трапаво или споро и темелно?
Здравко Савески
Во последните години пред падот на Груевски она што посебно радуваше е што националните прашања конечно не беа на дневниот ред. Првпат од независноста. Сите, без разлика на нивната етничка припадност, беа концентрирани на злоупотребата на власта и протесната енергија обединуваше Македонци, Албанци, Турци против корумпираната власт составена од Македонци, Албанци, Турци. Се бараше промена, а не замена на власта, промена која ќе раскрсти со злоупотребувањето на власта и крадењето на народот. За конечно да заживееме почовечки.
Ваков беше контекстот во кој новата влада ја презеде власта. Но одеднаш таа наметна поинакви приоритети. Ги врати националните прашања на голема врата, чиниш, се наоѓавме во постконфликтна ситуација па, нема друго, мора прво да се решаваат националните прашања, а сè друго мора да почека. А што се однесува до менувањето на економската политика на Груевски и до менувањето на односот кон злоупотребите на власта – килавост! Каде ли ќе ни беше крајот ако оваа огромна енергија што ја вложуваат за решавање на националните прашања ја вложеа за решавање на реалните проблеми со животниот стандард на обичниот народ!
За ваквото приоретизирање на националните пред останатите прашања новата власт не го доби мандатот од граѓаните. Но го доби наложувањето од Големиот брат кој, ете, сака да се пофали, соочен со катастрофална политика на многу подрачја, дека уште една држава, 30-та, станала членка на НАТО. Со оглед на нашата цврста припадност во западната сфера на влијание, ова фактички нема ништо да промени ниту од гледна точка на нејзините центри на моќ ниту од гледна точка на Македонија, но преку пи-ар активности тоа сака да ѝ се продаде како некаков исклучителен успех, како на македонската јавност така и на јавноста во западните земји.
Но, ајде, ќе рече некој, кога веќе не ги решаваат економско-социјалните проблеми, барем националните проблеми да ги решат. Барем некои проблеми ќе ги надминеме. За жал, не е така. Националните прашања се резистентни, не можат со магично стапче да се решат преку ноќ. За вистинско и трајно решение, потребна е обемна, упорна и долготрајна работа. Ако се сака тоа да се прескокне, проблемите пак испливуваат и она што си мислел дека си го решил, повторно ќе треба да го решаваш.
Во врска со спорот за името. Се работи за „замрзнат конфликт“ во кој граѓаните и од двете држави се цврсто убедени дека тие се во право, но и конфликт кој значително изгуби на актуелноста во последните години. Граѓаните и во Македонија и во Грција во последните години имаа далеку поважни проблеми за националистите да можат успешно да им го одвлечат вниманието. Па спорот за името за огромното мнозинство македонски и грчки граѓани стана нешто околу што не се согласуваат со своите соседи отаде границата, но прашање кое е далеку од приоритетно за решавање.
И во таква една ситуација, среде преокупација со егзистенцијалните прашања и во Македонија и во Грција, среде непостоечка претходна работа против времено потиснатиот национализам, одеднаш се одмрзнува спорот и се сака да се затвори во најкраток можен рок! Притоа, целосно се игнорира сознанието дека одмрзнувањето на еден спор не мора да доведе до негово трајно решавање, туку до негативни реперкусии. Дали нивото на национализам во Македонија и Грција ќе се намали ако брзо-брзо се реши спорот? Дали меѓусебната доверба на македонските и грчките граѓани ќе се подобри? Дали ќе се подобри животот на обичниот македонски и грчки граѓанин со решавањето на спорот? Ако одговорите на овие прашања се негативни, тогаш зошто Заев и Ципрас по секоја цена ги прескокнувате чекорите и зошто не се концентрирате на решавање на поважните проблеми на вашите народи?
Можно е трајно и ефикасно решавање на спорот за името кое ќе подразбира задржување на постојното уставно име на државата. Но, за тоа е потребна претходна работа против национализмот како во Македонија, така и во Грција. Народот и овде и преку границата долги години е труен со национализам. И не поседува доволна вештина да го препознае својот национализам, туку само го гледа туѓиот национализам. Бара прибежиште од неприфатливата сегашност која ја живее во нашминканата слика за минатото. Сака да ја заборави реалноста во која е потиснато, експлоатирано и отуѓено човечко битие, надоместувајќи го тоа со „величината“ на Александар кој, се разбира, е „само наш“.
Секој народ ужива право на самоопределување кое го вклучува и правото на утврдување на името со кое се именува и со кое ја именува својата држава. Тоа е човеково право кое, како и секое човеково право, останатите имаат обврска да го почитуваат. Врз основа на ова право, народот во Македонија има право својата држава да ја нарекува Република Македонија. Пропагандата на Груевски ја потисна на втор план одбраната на уставното име врз основа на дискурсот на човековите права. И во прв план ја истакна одбраната концентрирана на националистичкиот дискурс на историското право на името Македонија. Таква „одбрана“ никогаш немаше реални шанси за успех и нејзината намена не беше решавање на спорот, туку замајување на македонската јавност. Во Грција, преку борба против национализмот, може да се успее нејзините граѓани да го прифатат правото на северниот сосед да се именува како што сака. Без разлика дали се согласуваат или не со тоа. Во крајна линија, не мора да се согласуваш со некого за да му ги почитуваш човековите права. Во таа борба против национализмот во Грција мора да се помогне од македонска страна, со преиспитување на многу историски „вистини“, кои лежат во основата на она што Грците го перципираат како иредентизам од наша страна.
За сето ова, треба време. Време во кое работите ќе можат да созреат, време во кое ќе се изгради меѓусебната доверба. Тоа време Заев и Ципрас не сакаат да им го дадат на своите народи. Сакаат брзо-брзо да го „решат“ спорот. Така им наложиле од „горе“. А за тоа што некои други ќе мора да се занимаваат со последиците од засилениот национализам во македонското и грчкото општество – околу тоа не се интересираат. Како и сите просечни политичари и нив ги интересира само краткиот рок и нудењето Потемкинови села на своите народи.
(Авторот е политиколог и член на Левица)