Бран
Лејла Сабит
Скопје го зафати културен и топлотен бран, ама сите сакаат да ги заплисне морски бран.
Веќе сте во филм како ве милуваат брановите додека шетате боси по мекиот песок, со завиткани ногавици или ве нишаат во длабоко, на душек, во чамец или на јахта под силното сонце.
Никогаш не е рано или доцна, во сезона, или надвор од сезона, ладно или топло, пензионерски или со журки одмор за душа и тело, за здравје или за сеир, од потреба или од хир, зашто така чувствувате или другите така мислат.
Секогаш во вашиот уморен, стресен, хаотичен, полн со обврски или здодевен и рутиниран живот има место за еден морски бран и воздух, за еден изладен коктел, за залез на сонце над морската шир, за еден опуштен детски излет без поза, драма или дотерување.
Само вие или со најблиските, на ти со синилото долу и горе, на преполна или пуста плажа, далеку од очите на јавноста, ама како за беља секогаш ќе сретнете некој познат.
На одмор секогаш книгата, самотијата или друштвото ви се најдобри пријатели или едноставно погледот кон морскиот хоризонт ви се доволни за враќање на енергијата и полнење на батериите за испишување нова работна страница до следниот викенд, празник или Нова година.
Сѐ што е убаво, кратко трае. Или тоа што го броите или ви го бројат летнува за миг, ама спомените од морето уште долго ќе ве заплиснуваат во жешкото и полно со спарина Скопје.
Убав одмор каде и да одите. Сте заслужиле!