Ботокс


Лејла Сабит

Нова мода меѓу богатите, самобендисаните, со ниска самодоверба, кој паметта и образованието го мешаат со пари, моќ, врски и партиска книшка.

Кои ве гледаат од високо, кои не ве поздравуваат, не ве дружат, не ви креваат телефон, не ви одговараат на СМС-пораки или мејл, и не ве прифаќаат за пријател на Фејсбук.

Од сабајле се мразат себеси пред огледало, а преку ден цел свет.

Во Македонија, зашто им е здодевно, ретко ќе ги видите освен на гала-настани, на фенси-кафе или по козметички салони или спа-центри.

Незадоволни од изгледот всушност се незадоволни од животот. Нови чевли, чанта или нов автомобил не е престиж, престиж е да имаш нови усни, затегнати образи, вештачки исполирани заби, поткрената брада, силиконски гради и задница, вештачки трепки и надоградена коса.

Ова е време на мејкап-артисти, стилисти, фризери, и естетски хирурзи кои ве прават полни однадвор, а празни однатре. Па нели нè учеа дека не е важна надворешната убавина, дека жената и мажот се ценат по внатрешната убавина?

Ботоксот може да биде успешен или неуспешен, да ве разубави или да ве нагрди да личите или да не личите на себе. Да ви се воодушевуваат или да ви се чудат, да ве фалат или да ве озборуваат. Во најлошите случаи, пак не ќе можете да се гледате во огледало или, пак, ќе живеете во илузија дека нема поубави од вас.

За ботоксот и силиконите и тука и низ светот, што е најчудно, никој не сака да збори ниту да признае, сите лажат дека сè на нив е дело на мајка природа.

А брчките? Зошто по 40-тата година никој не ги сака? Ги откриваат годините, сведоци сè дека старееме или тежнееме да бидеме вечно млади?!

Во зрели години и во годините кога добро изгледате најважен е духот и онаа внатрешна убавина кои другите ја гледаат, а ние не. Духот ве прави млад или стар, а брчките се сведоци дека сме искусни и мудри, а не млади и зелени. Младост – лудост, старост – мудрост, рекле старите.

И меѓу светските ѕвезди ботоксот погодил или утнал, некој се направил чудовиште, а некој старее достоинствено.

Изгледот е релативен, како и вкусот за чевли, чанти и брачен партнер.

Што да изберете, со здравје да го носите!