Богдановиќ строго ќе ја контролира изградбата на нови објекти на Водно


„Нема да дозволам на места како за скокалници да се градат станбени објекти“, изјави денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ по средбата со директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија(ИЗИИС), Влатко Шешов. На средбата разговарале за состојбата на објектите на Водно и реонот, пред се за нивната безбедност и евентуалните последици во случај да продолжи градежната експанзија на скопскиот рид.

Од Општина Центар информираат Богдановиќ и Шешов договориле редовна месечна соработка. ИЗИС ќе дава мислење за техничките прописи и ќе се бара инвеститорите доследно да се држат до безбедносните параметри и во фаза на изградба, но и во фаза на користење на објектот.

„Ова е со цел да се градат и живеат во посигурни и побезбедни објекти. Мора да се почитуваат основните параметри и затоа во моментот надлежните и комисиите во општина Центар вршат ревизии на сите ДУП – ви. Посебно внимание ќе се обрне на ДУП- те за Водно, за да се испита каде тлото е порозно и склоно на слечишта. Овој дел, како и целиот Центар се преизградени и од урбанистички плански аспект мора да има целосна заштита. Ќе се прават детални микро локациски испитувања“, информираат општинарите.

Инаку, неодамна на адреса на Општината, сопственици на куќи кои се помеѓу улицата „Партение Зографски“ и хотелот кај Клинички испратија петиција со која побараа Центар веќе да не издава одобренија за нови објекти, поради нестабилноста на теренот.Во петицијата било наведено дека жителите на Водно се чувствуваат крајно небезбедни бидејќи при најмал потрес или поголеми дождови буквално им се тресат куќите.