Безвредна вредност


Гордана Попсимонова

Пред некое време порталот Курир објави текст со наслов „Загрозена демократијата во државата, нема кој да ги штити националните интереси“. Во првиот пасус е наведено дека СДСМ, предводен од Зоран Заев, врши политички прогон против сите кои не размислуваат како него, а врв на доказниот материјал со кој се оправдува ваквото тврдење гласи: „Македонија можеби е единствена демократска држава во светот каде што за терористи се обвинуваат и прогласуваат луѓе кои протестирале за заштита на уставноста на државата“. Како поткрепа на својата теза, Курир ги наведува притворените уметници: Игор Дурловски – оперски пејач, Владо Јовановски – актер, а од небулозни причини, во нивно друштво е ставен и Митко Чавков, поранешен министер за полиција и директор на Бирото за јавна безбедност за време на случувањата од 27 април.

Нетипично за мене е да анализирам написи во т.н. „медиуми“ од испрофанисаниот профил на Курир, ама некако добро ми дојде заради споредба на она што претставува вредност, наспроти она што би требало да бидат алатки за заштита на истата таа вредност. И токму затоа, курирци и сите останати слични ним, читајте внимателно што имам да ви кажам.

Поимот „вредност“ е филозофска категорија и се однесува на опоштоприфатеното верување за нешто полезно, убаво, добро и посакувано, наспроти она што се смета за непосакувано и недозволиво. Вредноста не е субјективен став кој се врзува за личниот вкус и персоналниот дискурс, туку претставува трајна диспозиција која се врзува со мноштво сродни ставови и збир на однесувања, преку кои се гради т.н. „систем на вредности“.
Ако Уставот на една држава се смета за „вредност“ која треба да се брани, дали насилниот упад во Парламентот и обидот за убиство на пратеници кои наводно го загрозуваат истиот тој Устав, е исправно? Според Курир, а богами и според Груевски, Ѓорчев и останата братија, која протестира пред Истражниот затвор во Шутка, е. Без оглед што во Уставот се загарантирани основните човекови права, меѓу кои и правото на живот, Курир сака да ме убеди дека преку кршењето на основните постулати на Уставот, се спроведува негова заштита.

Да бидеме начисто, поимот „Устав на државата“, меѓу другото, подразбира репертоар на вредности (права), околу кои сите се согласуваме. Ако не се согласуваме, односно имаме, или некој ни наметнал (октроирал) поинаков систем на вредности, Уставот предвидува одредби со кои трајните вредности се заштитуваат преку соодветни мерки. Обично собрани во едно нешто кое се нарекува „Кривичен закон“. А тој, Кривичниот закон не се занимава со креативни инверзии на системот на вредности, или пак со нивните первертирани варијации, туку со санкции за заштита на вредностите за кои сите сме се договориле дека се прифатливи.

Да не оптегнувам многу, поентата ми е дека порталот Курир, бранејќи ги политиките на Груевски и напаѓајќи ги институциите на државата, всушност се обидува да ги обезвредни нашите вредности. И токму на овој контрапункт жестоко се судираат логичките интерпретации на вредносните системи. На пример, ако за вредност на Македонија го третираме Дурловски и неговиот оперски талент, или Јовановски и неговиот актерски квалитет, дали нивната вредност е супститут на човечки живот? Во превод – дали личност со призната научна, уметничка, општествена или било каква друга призната вредност, има морално право да загрози друга вредност, која што е општоприфатена. На пример, вредност каков што е животот, правдата, мирот и слично.

Ова прашање ми е многу битно, бидејќи од него зависи одговорот на суштинската дилема со која деновиве се соочува цела нација: Дали Груевизмот е вредност? Ако е, молам некој да ми ги наброи сите нејзини особености или квалификативи. За да знаеме на што сме, каде сме, и дали воопшто сме.