Американска дебата за македонски буџет


Роберт Несими

„Вчера премиерот Заев во придружба на министерот за финансии Тевдовски продолжи со средбите во Собранието во обид да лобира за предлог-буџетот на Владата за 2018 година. Веќе трет ден по ред тој настојува да ги убеди пратениците од неговата коалиција да гласат за буџетот без понатамошни одложувања. Според проценките на нашиот весник Заев веќе има обезбедено 48 гласа „за“, и тоа 38 од неговата партија и 10-те пратеници од ДУИ, кои безусловно го подржуват предлог-буџетот. За да ги обезбеди дополнителните потребни гласови Заев продолжи да разговара со неколкуте групи на пратеници, адресирајќи ги нивните специфични барања. Дознаваме дека главно ограничување останува заложбата на владата буџетскиот дефицит да не надмине 3 отсто од БДП, што би повлекувало смена на ставовите на неколку пратеници од „за“ на „против“.

Најлесниот пат кон создавање мнозинство и понатаму продолжуват да бидат седумте пратеници на Алијанса и Беса, кои настапуват како единствен блок со исти барања. Според нашите извори по неколкуте часовни разговори веќе има значително приближување на ставовите, со тоа што е прифатено доделување на средства за почеток на работите за автопатот Скопје-Блаце. Клучен проблем останува барањето на Алијанса-Беса делот од ДДВ за финансирање на општините да се покачи на 5 отсто, што би довело до целосна промена на структурата на буџетот и што претставува црвена линија за премиерот Заев. Сепак дознаваме дека Алијанса-Беса се согласни да прифатат одложување на таквата мерка за наредната година, под услов почетокот на изградба на регионалната депонија во Полошко да се помести за 2018 година.

Позитивно за премиерот е тоа што со Полошката депонијата би можел да добие на две страни, бидејќи тоа воедно беше едно од клучните барања на двете пратенички на ДОМ. Премиерот е отворен и за исполнување на вториот услов на ДОМ, т.е. доделување на повеќе пари за адресирање на проблемот за загадување, со посебен акцент на енормно загадените Скопски и Битолски регион. Во вакво сценарио Владата веќе ќе може да смета на 57 гласа во корист на буџетот.

Со речиси сигурниот договор со Алијанса-Беса и ДОМ, на премиерот му останува да обезбеди минимум уште четири гласа „за“ од останатите пратеници од неговите редови. Но како што дознаваме веќе со сигурност испаѓат од игра четири пратеници од т.н. „Шарена револуција“ кои доследно се противат на зголемувањето на расходите за одбрана, нешто што од друга страна е еден од главните услови за приближување кон НАТО стандардите. Имајќи ја предвид заложбата на Владата по секоја цена да обезбеди членство во Алијансата наредната година, не изгледа дека има некој простор за компромис, што значи дека премиерот не ќе може да смета на овие четири гласа.

Со тоа останува последната група од седум пратеници, таканаречената Земјоделска група, со кои според нашите информации се водат најмачните и најдолги преговори. Како самопрогласени бранители на интересите на земјоделците тие жестоко се противат на одлуката за оданочување на приходите на индивидуалните земјоделци, која би требала да стапи на сила од почетокот на 2018 година. Пратениците истовремено барат поголеми субвенции за земјоделците од предвиденото во буџетот, кои според нив би се покривале со кратење на администрацијата. Ваквите ставови разбирливо наидуват на отпор кај побројните скопски пратеници, кои и тоа како му се неопходни на Заев за поминување на буџетот. По се изгледа, некојси конечен договор би бил во форма на компромис меѓу одложување на оданочувањето на земјоделците и кратење на субвенциите, но според нашите информации преговарачките групи се уште се далеку од договор.

Во крајна варијанта, во случај да нема никаков прогрес кон обезбедување мнозинство за буџетот наредните денови, нашите извори велат дека Заев не ја исклучува можноста за преговори со дел од пратениците од ВМРО. Сепак ваквата соработка изгледа малку веројатна, пред се поради ставот на ВМРО за зачувување на рамниот данок кој го сметат како крунски закон од нивното владеење и заложбите на Заев тој да се замени со прогресивен. Во екстремна ситуација подршка на дел од пратениците на ВМРО би можела да се добие со намалување на друг вид на даноци, на пример ДДВ или акцизите. Сепак поверојатно е Заев потребните гласови да ги добие од сопствените редови, без подршка на опозицијата.

Засега извесно е само дека сите 120 пратеници едногласно ќе гласат за кратење на буџетот на ДИК, односно платите на нејзините членови.“
Вака отприлика би требало да изгледат економските вести во нормалните земји во декември. Слично, за американски услови, се одвива дебатата за даночната реформа во САД. Додуша веќе е јасно дека и во САД таквата реформа ќе се врши по партиска линија, и на крајот за неа нема да гласат конгресмените и сенаторите од опозициските демократи. Меѓутоа неспорно е дека во републиканските редови имаше куп разговори и преговори, при што по партиска линија првичната варијанта ја одобрија само одреден број републиканци. Останатите конгресмени и сенатори имаа сопствени ставови и барања, а претседателот Трамп и републиканските лидери во Конгресот потрошија безброј часови преговарајќи за сеопфатен компромис кој би бил прифатлив за мнозинство во партијата. Колку и да е таа даночна реформа добра или лоша, неспорен е фактот дека сите гранки на власта функсионираа како што треба, со посебен акцент на надмоќноста на легислативната гранка – Конгресот, која и онака е надлежен за носење одлуки за собирање и трошење на народните пари.

Се разбира, ваквата дебата кај нас продолжува да биде научна фантастика. Власта и опозицијата си ги сменија местата, но процесот на буџетирање продолжи да се тера по старо, со премиерот и министерот на финансии во улога на кралеви. И наместо да биде носител на целиот процес, како што налагаат Уставот и законите, наместо да дава насоки на Владата што да планира, кај да го стави фокусот, што ќе може а што не ќе може да помине, Собранието и натаму продолжува да биде пиун на власта, нем изведувач на наредбите од екзекутивот. Процес што потврдува дека во земјата се уште се живи и здрави условите за понатамошна тиранија на Владата врз Собранието, па следствено и врз целата државата и општеството.

Па затоа, и до ден денес, наместо нормална дебата, треба да бидеме среќни што процесот на усвојување на буџетот не е придружуван од блокади и насилно исфрлање на пратеници од Собранието, што сегашната власт се уште ги нема земено во раце уздите на диктатурата што и се на дофат ако и затребат. И, тоа ни е некаков прогрес!