Зошто сега е речиси невозможно да се купат респиратори


Сите земји ургентно бараат респиратори, фабриките кои ги произведуваат не можат да одговорат на овие барања

Побарувачката за респиратори во светот е огромна. Во таа битка за нови машини малите земји како Македонија тешко се пробиваат во првите редови за нарачки, без оглед на цената

 

Љупчо Поповски

Во глобалната пандемија со Ковид-19 еден од клучните проблеми е како секоја земја да набави дополнителни респиратори, затоа што никаде ги нема доволно – ни во САД, ни во Германија, ни во Британија, а особено не во Италија. Сега се гледа дека ниедни здравствени власти (па дури ни СЗО) не претпоставувале дека може да дојде до ваква пандемија од еден вирус и во толку брзо време, па државите го определувале бројот на респираторите за вонредни ситуации, а не екстремно драматични како што се сега.

Британија има 66 милиони жители, а здравствениот систем има само 5.000 респиратори. Владата на Борис Џонсон е во трескавична потрага по респиратори како што се зголемува бројот на инфицираните и починатите од корона вирусот, но тешко е да се стигне до нив на пазарот. Целта на владата е да обезбеди дополнителни 20.000 респиратори.

Франција со 67 милиони жители има исто така 5.000 респиратори и сега се обидува на секој начин да обезбеди барем два пати повеќе. Германија (82 милиони) има 20.000 кревети за интензивна нега покрај кои има респиратори, но владата донесе одлука под итно да се набавт уште 10.000 илјади. Бројот на респираторите во Италија (со население слично на Франција) е исто околу 5.000 илјади и со сегашнава бројка од 42.000 инфицирани и 793 мртви само во саботата јасно е дека  таму има драматична потреба од респиратори. Во САД (330 милиони жители)  има околу 170.000 респиратори, но поради комплицираниот здравствен систем нив ги нема онаму каде што се најпотребни. Во саботата гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, соопшти дека поради галопирачкиот број инфицирани во некои од болниците биле приклучени по двајца заболени на една респираторна машина. Властите очекуваат дека кон крајот на мај ќе има 810 илјади корона вирус пациенти и сегашниот број на респиратори не што ќе биде недоволен, туку може да биде причина за поголем морталитет. И администрацијата на Доналд Трамп издаде наредби за итно купување респиратори.

Сите бараат на пазарот респиратори, но главниот проблем сега во времето кога секој ден значи премногу, е што нема каде да се купат. Цената игра важна улога, но сега е поважно што малите земји како Македонија тешко може да се приберат во првите редови на пазарот и да набават респиратори, па макар тие чинеле и поскапо. Затоа неколкудневните обвинувања на опозицијата дека власта, наводно, сакала да украде пари при набавката на респираторите (нарекувајќи ја и сега, во оваа криза, со непримерниот речник „криминална банда“) се надвор од реалната ситуација бидејќи респиратори нема ни за лек.

 

Од погоните на еден од најголемите светски производители на респиратори, швајцарската компанија „Хамилтон“ (Фото: Ројтерс)

Што се случува на пазарот?

Во ирската компанија „Медтроник“ се произведуваат помалку од половина од сите респиратори во светот. Поради зголемената побарувачка „Медтроник“ го зголеми производството за 40 отсто, префрлајќи значаен дел од своите други вработени во погонот за респиратори, но тоа ни оддалеку не може да ја задоволи побарувачката. Втор главен произведувач е швајцарската компанија „Хамилтон“. Други главни произведувачи се шведската „Гетинге“ и германската „Дрегерверк“. За да излезат во пресрет на здравствените власти во светот, како што пишува „Волстрит џорнал“, и големите автомобилски компании „Џенерал моторс“ и „Форд“ ја истражуваат можноста во своите погони (кои сега се ставени во привремено мирување) да произведуваат респиратори, но тоа е далеку од остварување.

Цената на респираторите што ги произведува „Медтроник“ изнесува од 25.000 до 50.000 долари. „Вашингтон пост“ пишува дека и цената на респираторите што ги произведуваат другите компании во светот се движи во овие рамки. Познатите медицински списанија пишуваат дека проблемот не е само како да се набават респиратори, туку како да се обучи соодветен медицински кадар да ракува со нив за кусо време, затоа што оние кои не знаат добро да управуваат со машините може да им предизвикаат дополнителни проблеми на пациентите.

Директорот на швајцарската фирма „Хамилтон“, Андрес Виланд, за Ројтерс изјави дека тие лани произвеле околу 15.000 респиратори (околу 280 неделно) и дека нивната цел за оваа година е производството да го зголемат на 21.000 (што е отприлика 400 неделно). Тој вели дека минатата недела пуштиле пратка во Италија од 400 респиратори. Но тоа е далеку од она што ѝ треба на Италија во овој момент.

Германија побара од нивниот производител „Дрегерверк“  нови 10.000 машини, што е еднакво на годишното производство на компанијата. Од таму велат дека ќе биде многу тешко да се одговори на ова барање. Франција вообичаено има побарувања од илјада до 1.5оо респиратори годишно, а сега ги зголеми потребите на неколку стотици неделно.

Шведската фабрика „Гетинге“ произведува 10.000 респиратори годишно. Нејзините претставници овие денови изјавија дека би можеле да го зголемат производството за 60 отсто, а побарувањата се далеку над тоа. Во Италија некои помали производители вклучиле и припадници на армијата за да работат во погоните.

Но има и други проблеми. Бидејќи респираторните машини се составуваат од делови кои се произведени во различни земји, некои од тие делови во овој момент тешко стигнуваат во производствените хали поради нарушениот транспорт или поради политичко-економски причини. Така, компанијата „Хамилтон“ се соочи со запрената пратка на црева што се произведуваат во Романија. Романските власти изјавиле дека тие црева може да им бидат потребни како неопходна медицинска опрема во справувањето со кризата со Ковид-19. Дури по сериозната политичка интервенција од страна на Швајцарија романските власти ја одобриле пратката.

Во оваа светска битка за респиратори на малите земји им е многу тешко да се пробијат напред. Затоа што, главно не станува збор за цената, туку кој ќе се избори за предимство во нарачките.

Годишниот бизнис на фабриките за респиратори во светот изнесува околу една милијарда евра. Годинава вредноста на тој бизнис може и да се удвои.