Зошто PANTONE објави не една, туку две бои за 2021?
САД- Соодветно на комплексните времиња во кои живееме, глобалниот авторитет за бои PANTONE објави не една, туку две контрастни бои за 2021 година, кои треба да рефлектираат единство помеѓу различностите.
Се работи за боите Pantone Ultimate Gray (нијанса на сива) и Pantone Illuminating (нијанса на жолта), чија комбинација треба „да создаде аспиративно спарување на бои, обединувајќи подлабоки чувства на замисленост со оптимистичко ветување за ден исполнет со сончева светлина“ – посочуваат од институтот за бои.
„Двете исклучително независни бои истакнуваат како различни елементи се обединуваат за да изразат порака на цврстина и надеж“, рече Лори Пресман, потпретседател на PANTONE, додавајќи дека „тоа е комбинација што зборува за издржливоста, оптимизмот, надежта и позитивноста што ни се потребни додека ресетираме, обновуваме, размислуваме и повторно измислуваме.“
Традиционалниот избор на „Боја на годината“ на PANTONE вообичаено ги рефлектира трендовите во модата, убавината, дизајнот и домашната декорација. Меѓутоа, поради пандемијата на коронавирусот во 2020, изборот за оваа година има за цел да ги смирува и охрабрува луѓето.
„Боите Ultimate Gray и Illuminating се одлична комбинација за да се постави расположението во секоја соба од домот, внесувајќи доза на сончева светлина и позитивност,“ истакнуваат од PANTONE.