Зошто не дувло за секс? Италијанците збеснаа на именувањето на аеродромот по Берлускони

Екс премиерот Берлускони ги прогонува Италијанците и од гроб


Матео Салвини, Силвио Берлускони и Џорџа Мелони

Зошто наместо тоа да не стои дувло за секс? Салон за масажа би бил поприкладен споменик на поранешниот премиер. Што понатаму, Бунга Бунга Ерлајнс?

Ова се реакциите и негодувањата во Италија по одлуката на тамошната влада  да го преименува главниот аеродром во Милано по поранешниот премиер Силвио Берлускони. Петицијата покрената од левичарската група Млади демократи од Ломбардија, со која се бара од властите да се преиспита одлуката , достигна повеќе од 16.000 потписи во понеделникот, додека опозициските фигури ја осудија иницијативата на владата.

Берлускони, контроверзниот поранешен лидер на Италија, кој почина минатата година, се покажува способен да ги измачува своите непријатели дури и од гроб. Кризата започна во петокот откако министерот за транспорт Матео Салвини за време на конференција на југот на Италија објави дека националната управа за цивилна авијација ENAC го одобрила барањето на регионот Ломбардија да го преименува аеродромот Малпенса во чест на Берлускони.

„Конечната одлука е на министерот за инфраструктура и транспорт и јас сум подготвен да го ставам последниот потпис, со гордост и емоции“, напиша Салвини подоцна на X. „Во спомен на мојот пријател Силвио, голем претприемач, голем Миланец и одличен Италијанец. Секогаш со нас“.

Објавата на Салвини предизвика бурни реакции кај опозициските партии и групи кои се против именување на еден од најважните меѓународни центри во Италија по таква спорна личност. Берлускони беше осуден за даночна измама, а во текот на годините беше вмешан во бројни правни контроверзии и секс скандали.

„Во Италија, од именување на аеродромите според антимафијашките судии Џован] Фалконе и Паоло Борселино преминавме на Берлускони, од некој што се бореше против мафијата до некој што со години ја срамотеше Италија во светот“, лидерот на Движењето „5 ѕвезди“ во Ломбардија, Никола Ди Марко, напиша во објава на Фејсбук. Тој тврди дека именувањето на аеродромот по Берлускони е „знак за целосно распаѓање на италијанските институции“.

„Зошто аеродромот? Според мене, тој избор не е прав. Зошто да не му посветиме центар за масажа со среќен крај?“- напиша  Грета Коготи, член на опозициската Демократска партија.

Петицијата на Младите демократи започната во неделата и во неа се тврди дека аеродромот заслужува име „што ги отелотворува вредностите на чесност, интегритет и услуга на заедницата“, додавајќи дека „Берлускони не ги одразува тие вредности, како што покажаа бројните кривични пресуди што тој доби со текот на годините“.

„Не сакаме тоа да остане само петиција, туку и да ја раскаже приказната за една генерација која повеќе не сака да ја поддржува глорификацијата на политиката и личноста која е осудена за измама и која била под истрага за детска проституција и корупција“, изјави Тизијана Ели, менаџер на групата.

Берлускони, кој почина во јуни минатата година на 86-годишна возраст, водеше четири влади на чело на неговата централно-десничарска партија Форца Италија и беше една од најразделувачките фигури во Италија во модерната ера.

Неговите партиски колеги и поддржувачи го фалеја за неговите претприемачки способности, неговата харизма и неговиот придонес во економскиот и политичкиот пејзаж на Италија, додека неговите критичари го обвинуваат дека ја користел политиката за да се збогати. (Политико)