Зошто младите генерации инвестираат порано?


Пред само една деценија, инвестирањето често се поврзуваше со постарата генерација – луѓе кои веќе изградиле кариера, создале капитал и имале доволно искуство и средства за да размислуваат за акции или да прават пензиски планови. Денес, сликата е драстично поинаква. Новата генерација инвеститори, особено Генерацијата Зет (Gen Z), започнува со вложувања порано од кога било. Според меѓународни истражувања, просечната возраст на која Gen Z започнува со инвестирање е само 19 години во споредба со 25 години кај Mиленијалците или над 30 години кај генерацијата Х и Baby Boomers.

Овој феномен не е резултат на игра на случајот. Тој е резултат и последица на комбинација од нови технологии, поинакви животни и професионални приоритети кои произлегуваат од специфичната културна психолошка динамика кај младите, но и од глобалните економски услови. Прашањето кое логично се наметнува е: зошто младите толку рано влегуваат во светот на инвестициите и какви можности носи тоа?

Од друга страна според истражувањата 60-70% од Gen Z како три најголеми препреки за инвестирање ги истакнуваат: недостигот на финансиски средства, неусогласеноста на нивните финансиски цели и рочноста на инвестирањето, како и незнаењето и стравот.

Како размислува Gen Z?

Во споредба со постарите генерации, Gen Z има различен пристап кон финансиските информации. Наместо да бараат совети од банки или институции, тие се повеќе се потпираат на информации достапни на социјалните мрежи, пријателите и семејството. Дигитализацијата игра клучна улога, дури 65% од младите инвеститори користат мобилни апликации и дигитални платформи. Тие најчесто започнуваат со мали суми, т.н. микроинвестиции, кои постепено, со текот на времето, ги зголемуваат.

Особено е интересно што како прв чекор кон инвестирањето, речиси половина од младите избираат криптовалути. Главната причина е љубопитноста, желбата да испробаат нешто ново, возбудливо и технолошки современо. Психологијата е силен фактор кој влијае на одлуката, односно многу млади признаваат дека мотив за вложување е и адреналинот, чувството на натпревар со врсниците или можноста да стекнат статус во своето окружување.

Од Капитал Ассет Менаџмент, eдинственото македонско друштво за инвестиционо советување, оценуваат дека овој начин на пристап носи и ризици затоа што голем број млади се фокусираат на шпекулативни инструменти кои нудат астрономски приноси – криптовалути, форекс, па дури и акции со кредит.

„Под влијание на шпекулативни приказни за брзо збогатување, тие често ја потценуваат опасноста од големи загуби. Во комбинација со недоволна финансиска писменост и брзи одлуки под влијание на социјални мрежи, младите инвеститори ризикуваат да направат погрешен чекор уште на самиот почеток“, предупредуваат од Капитал Ассет Менаџмент.

Потребата од нов пристап

Она што е охрабрувачко е дека младите сакаат да учат и отворени се за нови знаења. Тие бараат едноставни и разбирливи објаснувања, мала влезна сума и целосна слобода во одлуките – без долгорочни обврзувачки договори. Потребна им е и дигитална форма на инвестирање, па затоа апликациите и онлајн платформите се неизбежен канал. Дополнителна карактеристика на оваа генерација е интересот за социјално и општествено позитивни инвестиции – избегнување на компании со високо загадување или неетички практики.

Тука настапува улогата на независните финансиски советници и компании како што е Капитал Ассет Менаџмент. Младите не треба да се откажуваат од својата љубопитност и желба за експериментирање, но потребно е таа да се канализира на сигурен и рационален начин. Професионалните портфолио менаџери можат да им помогнат да ја разберат разликата меѓу шпекулативно и долгорочно инвестирање, да изградат стратегија која ќе им донесе сигурност и да ги заштитат од непотребни ризици.

„Внимателно, аналитички и ангажирано ги следиме трендовите на пазарите на капитал, посветуваме голем фокус на Генерацијата Зет. Нашите експерти веќе имаат развиено модели на инвестирање со мала влезна сума, кои овозможуваат постепено градење на капитал. Преку инвестициски фондови, индивидуално управувани портфолија и едукација, младите можат да го направат првиот чекор без да се чувствуваат несигурни или оставени сами да се снаоѓаат во море информации“, велат од Капитал Ассет Менаџмент и појаснуваат дека младите генерации денес несомнено ја менуваат логиката на финансиските пазари.

Игор Арсов, соработник и координатор на ИНДУСАК проектите за Капитал Ассет Менаџмент, додава дека младите имаат поинаков пристап во информирањето, бараат дигитални решенија кои одговараат на нивниот начин на живот.

„На младите не им е потребно многу време за да го разберат инвестирањето. Потребно е само да се одлучат дека се спремни да научат. За оваа енергија да се претвори во вистински резултат, потребна е едукација и професионална поддршка, но и иновативен и специјализиран пристап кој го развиваме во Капитал Ассет Менаџмент како одговор на специфичните потреби на Генерација Зет“, вели Арсов.

Од Капитал Ассет Менаџмент изразуваат верување дека секој млад човек може да биде успешен инвеститор ако неговата љубопитност се спои со знаење, ако микроинвестициите се трансформираат во долгорочна дисциплина и ако дигиталните платформи се надополнат со совет.

Инвестирањето не е привилегија на искусните, туку навика што може да ја започне секој млад човек. Љубопитноста добива смисла тогаш кога е поткрепена со знаење, а првиот чекор кон финансиска слобода започнува со вистинска информација.