Зошто Гренланд е толку важен за Доналд Трамп?

Има три главни причини зошто Трамп го сака Гренланд: прво, островот претставува ултрагеостратешка локација за САД; второ, покрај неговите брегови има наоѓалишта на нафта и гас; и трето, под снегот и мразот на почвата има огромни резерви на ретки земјени минерали


Два дена по заробувањето на Николас Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот  со најавата за анексија на Гренланд. Охрабрен од  успехот во Венецуела, Трамп во авионот „Ер Форс уан“ пред новинарите изјави: „Ни треба Гренланд заради нашата  национална безбедност“. „Гренланд е стратешка локација“. „Во моментов, Гренланд е отсечен од остнатиот свет со руски и кинески бродови“. Трамп  ја искритикува Данска дека не направила доволно за  безбедноста на островот. „Знаете ли што  направи Данска за да ја зајакне безбедноста на Гренланд? Им подарила санки за кучиња“, саркастично констатира и додаде: „Ќе се погрижиме за Гренланд за околу два месеци….а за дваесетина дена повторно ќе зборуваме за оваа тема“.

Оние што го следат политичкиот бекграунд на Трамп воопшто не се изненадени од неговиот каприц. Реториката на Трамп во однос на Гренланд не се промени уште за време на неговиот прв претседателски мандат. Во 2019 најави дека би ја купил полуавтономната територија Гренланд , но владите од Нуук и Копенхаген ја отфрлија неговата понуда и порачаа „Гренланд  не е за продажба“.

Шест години подоцна, по неговиот реизбор, Трамп повторно се наврати на Гренланд. Овој пат тој не ја исклучува можноста за употреба на воена сила и анексија на Гренланд, наведувајќи причини од национална и меѓународна безбедност. Идејата за американска анексија ги налути жителите и политичарите на Грендланд. „Гренланд не е на продажба“, порачуваат демонстрантите во главниот град Нуук. Се огласи и премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен: „Доста е! Престанете со на притисокот, со инсинуации и фантазиии за анексија“.

Гренланд – далечната земја на Дедо Мраз

Островот Гренланд е автономна територија поврзана со Данска од 1721 година, населен со 57.000 жители. За голем број Европeјци, вклучувајки нѐ и нас Балканците, Гренланд е само некоја далечна земја покриена со снег, самотија во која живеат поларни лисици и фоки. Древните северни народи сметале дека Гренланд се наоѓа на  крајот на светот. Според старите дански легенди од Гренланд потекнувал и Дедо Мраз  (Julemanden), иако официјалната резиденција се наоѓа во Лапонија (Рованиеми) во Финска. За овој остров сонува и Доналд Трамп.

Меѓутоа, американскиот претседател не е добредојден кога им се заканува на оние што се најдиректно погодени. „Коментарите на претседателот Трамп претставуваат закана за жителите на Гренланд и нашето општество. Ова не е нешто што ни се допаѓа“. „Ова е неприфатливо во цивилизираниот свет“, вели Кристијан Келдсен, директор на Бизнис асоцијацијата на Гренланд. Гренланд и Данска добија поддршка од шест европски земји. Во заедничка изјава, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Обединетото Кралство ја потврдија својата посветеност кон суверенитетот на Гренланд. Таквото „дрско самоволие“ на Трамп, Данците го доживуваат и низ сарказмот:  можеби под изговор дека шверцуваме „масло од пингвини“ ќе изнајде изговор да не ослободи од „ пингвинските картели“, се шегуваат на Гренланд, асоцирајќи на изговорот на Трамп за заробувањето на претседателот Мадуро како шверцер на дрога.

Најголем остров на светот

Гренланд е најголемиот остров во светот со 2,2 милиони км2 што претставува околу 1/5 од територијата на САД. Овој остров  е интегрален дел на Кралството Данска, иако географски е поблизок до Северна Америка. Американскиот интерес за Гренланд е долгогодишен, датира уште од 1823 г.  Според Монроовата доктрина Гренланд се сметал за дел од безбедносната зона на САД. Во 1867 Стејт департмент понудил  да го откупи островот за 5 милиони долари во злато. Слична понуда од 100 милиони долари  била повторена од страна на државниот секретар Џемс Бирнс во 1946, но и таа исто така била отфрлена од страна на Данска.  

За време на Втората светска војна (1941),  соочени со германската окупација, данскиот амбасадор во Вашингтон, Хенрик Кауфман, им предложил на САД  да воспостават воени бази на Гренланд. Од овој датум отпочнува трајното американско присуство на островот. За време на Студена војна, особено помеѓу педесетите и шеесетите години,  Гренланд прерасна во стратешка точка за американските воени бази на Арктикот. По пауза од половина век, во 2019 американскиот интерес за Гренланд го обновил Трамп, атавистички инспириран од неговиот Spiritus movens  –  претседателот Џемс Монро.

Реториката на Трамп предизвика негодување во Данска, земја која сепак е членка на НАТО и долгогодишен сојузник на САД. Двете земји се поврзани од 1951 година со договор за одбрана, а САД поседуваат воена база – базата Питуфик, која е една од најизолираните воени инсталации во светот, сместена на околу 1200 километри од Северниот Пол. Гренланд е всушност автономна данска територија. Затоа, токму со Данска ќе мора да се справи Трамп околу неговите територијални амбиции.

САД веќе имаат значајно упориште во Гренланд. Тоа е  вселенскиот центар Питуфик. Овој центар е управуван од страна на американските вселенски сили  и претставува главна артерија  на вооружените сили одговорни за воени операции во вселената, Ценатрот е сместен во воздухопловната база Туле. Најсеверната американска воена база првенствено се користи како станица за следење на сателити. Сместен на најкратката траекторија на ракетите помеѓу САД и Русија, вселенскиот центар Питуфик е важна врска за откривање ракети што потекнуваат од Азија или Европа. Вселенскиот центар Питуфик е последната   оперативна американска воена инсталација на  Гренланд. На крајот од Втората светска војна, САД одржувале петанесет војни бази на островот. Според договорот со Данска (1951), САД добиja слободен избор да го прошират вселенскиот центар Питуфик и да воспостават нови бази во договор со Гренланд и Данска. Токму оваа база беше во центарот на контроверзната посета на потпретседателот Џ.Д. Венс минатата година. Првично, американскиот функционер требаше да направи поширока обиколка на островот, но бeше принуден да го скрати патувањето за да избегне дипломатски инцидент. Оттогаш, Доналд Трамп и неговиот тим ретко зборуваа за анексирање на Гренланд. Но, неколку дена пред Божик, претседателот го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален претставник за Гренланд.

Три големи причини кои го привкекуваат Трамп

Зошто Гренланд е толку важен за САД, кои се се решени да ја освојат оваа територија дури и за сметка на своите историски сојузи во Европа? Меѓу бројните мотиви може да се издвојат најмалку три причини. Прво, Гренланд претставува ултрагеостратешка локација за САД. За да се разбере ова, треба само да се погледне мапата на Арктичкиот круг во кој спаѓа и Гренланд. За контролата на овој простор  заинтересирани се  големите сили, Русија, Кина и САД. Иако данската територија одржува многу блиски културни, политички и економски врски со Гренланд, островот го делат само 26 километри од канадскиот остров Елсмир. За сметка на тоа најблиската европска земја до островот, Исланд, е оддалечена 320 километри.

Со климатските промени и затоплувањето на арктичките води, почнуваат да се отвораат нови бродски патишта, што го прави Гренланд геостратешки уште поважен. На пример, водениот  патот од Европа до Шангај преку Беринговиот теснец би се скратил од 23.000 на 12.000 км, и патувањето би траело 15 наместо 30 денови.

Втората причина која го мотивира Доналд Трамп се  неискористените резерви на сурова нафта покрај брегот на островот. Топењето на мразот навистина би можело да ги открие потенцијалните нафтени или минерални ресурси што се вредни за американската администрација, која ја направи енергетската безбедност врвен приоритет.

Во 2021 година гренландската влада ги суспендираше сите активности за истражување на нафта по должината на своите брегови од еколошки причини. Овие резерви можеа да му овозможат на островот да ја врати својата независност и да ја елиминира годишната субвенцијата што ја добива од Данска во износ од околу  600 милиони евра. Доналд Трамп, кој постојано инсистира дека сака да ги отклучи енергетските ресурси и да пумпа нафта по своја волја (Drill baby drill), го гледа ова како златна  можност. По апсењето на Николас Мадуро во Каракас, тој отворено го изрази својот интерес за нафтениот сектор на Венецуела, наведувајќи дека американските компании сега можат да ги искористат резервите на сурова нафта во земјата – најголемите во светот. Според Геолошкиот завод на САД, водите покрај Гренланд би можеле да содржат речиси 17,5 милијарди барели нафта и 148 трилиони кубни метри природен гас, иако оддалеченоста на островот и суровите временски услови го ограничуваат истражувањето.

Територија богата со ретки земни елементи

Покрај нафтата, вулканските земјени делови на Гренланд се богати со неколку наоѓалишта на ретки земни елементи (34 милиони тони) посакувани за енергетската транзиција и, пред сè, од воената индустрија. Ова е третата причина што би го објаснила интересот на Трамп за овој остров, особено затоа што Кина има речиси монопол врз голем број критични минерали.

Според новата Национална стратегија за безбедност што претседателот Трамп ја претстави во ноември 2025, снабдувањето со ретки земни елементи е еден од приоритетите на Вашингтон за обезбедување на економската безбедност на земјата. „САД никогаш не смеат да зависат од надворешна сила за основните компоненти неопходни за националната одбрана и економијата“, се наведува во документот. „Мора да го вратиме нашиот независен и сигурен пристап до суровините што ни се потребни за да се одбраниме и да го зачуваме нашиот начин на живот. Ова подразбира проширување на американскиот пристап до критични минерали и ретки земни елементи“.

И исто како и со нафтата, гренландската влада го запре рударството на ураниум во 2021 година, со што го прекина развојот во рудникот Куанерсуит, едно од најголемите наоѓалишта на ретки земјени елементи во светот. Ова решение било донесено како одговор на барањата на жителите, кои стравувале од радиоактивната прашина. Иако оваа мерка е изгласана 2020 г, многу е веројатно дека ќе биде поништена со еден потег на маркерот „Шарпи“ од страна на Доналд Трамп доколку успее во својата коцка и го стави Гренланд под американско знаме.

Воени консеквенции за иднината на НАТО

Доколку САД го анектираат Гренланд, теориски таквиот чин би се соочи со одбрамбените правила на ЕУ и на НАТО. Клаузулата за заемна одбрана на ЕУ која фигурира во  Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) на ЕУ е составен дел од нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика (ЗНБП). Оваа прашање е опфатено  со членовите 42 до 46  од Договорот за ЕУ кој предвидува дека „доколку една земја-членка е жртва на вооружена агресија на нејзина територија, другите земји-членки имаат обврска да обезбедат помош и поддршка со сите средства што се во нивна моќ, во согласност со член 51 од Повелбата на ОН“. Сепак, секоја земја ја задржува слободата индивидуално да ја одреди природата и обемот на својата поддршка.

ЕУ не може да наметне воена интервенција во која ќе бидат вклучени сите нејзини земји-членки. Најголемиот број-членки на ЕУ, се исто така членки на НАТО, чиј договор предвидува заемна помош според член 5. Овој член предвидува дека „вооружен напад против една или повеќе членки ќе се смета за напад против сите страни“. Повикувањето на овој член би значело неколку земји да влезат во конфликт против воениот и финансискиот столб на организацијата – САД, а тоа би значело крај на НАТО.  Според премиерката на Данска Мете Фредериксен, „доколку САД  нападнат друга земја-членка на НАТО, тогаш сè, вклучително и самата организација и безбедноста воспоставена од крајот на Втората светска војна ќе се распаднат“. Во поддршка на загрижената Данска портпаролката на ЕУ, Анита Хипер, изјави дека „ЕУ ќе продолжи да ги брани принципите на национален суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите“.,

Сепак, зад одговорот на Брисел лежи дилемата со која се соочува Европа. Стравувајќи од потенцијална одмазда од Доналд Трамп во трговијата или во однос на Украина, ЕУ  стана претпазлива во своите реакции кон  демонстрациите на сила од страна на Трамп. НАТО, исто така, „оди по тенка линија за да избегне провоцирање на американскиот претседател“, забележува „Политико“. Додека многу сојузници продолжуваат да ја отфрлаат идејата за целосна инвазија на Гренланд како неверојатна, коментарите на Трамп почнуваат да предизвикуваат загриженост – и одреден степен на пркос – во рамките на Алијансата. Според истиот медиум, други веруваат дека овие коментари треба да ги галванизираат сојузниците да ги зајакнат своите одбранбени капацитети на Арктикот и со тоа да го ублажат ентузијазмот на жителот на Белата куќа.

„Треба да бидеме малку креативни… за да го зајакнеме присуството на Алијансата околу Гренланд и со тоа да се справиме со американските безбедносни загрижености“, објаснува висок дипломат на НАТО, забележувајќи дека организацијата би можела да испрати повеќе воена опрема во регионот.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)