ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ разговараат да бидат заедно во идната влада
Победниците на изборите, ВМРО-ДПМНЕ ги почнаа разговорите со партијата на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, за нејзино евентуално учество во идната влада.
Од ЗНАМ соопштија дека вечерва во нивните простории се одржала средба на претставниците на двете партии. Од ЗНАМ присуствувале генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсовски, а од ВМРО-ДПМНЕ нивните потпретседатели Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.
Ова беше специфична средба, затоа што Минчев и Бендевска како поранешни истакнати членови на СДСМ (првиот генереален секретар, а втората пратеничка) беа едни од најжестоките борци на отпорот против владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски. Но, времињата очигледно се менуваат, па сегашните насмевки ги заменија поранешните остри тонови.
Според соопштението, се разговарало за политичката платформа за соработка. „ЗНАМ својата платформа ја темели на идеолошките столбови, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена на илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската унија на достоинствен начин; потоа Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција; Македонија како самоодржлива држава која ќе произведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи“.
Се додава, дека претставниците на ЗНАМ инсистирале овие определби, како и програмата на партијата за изборите, да бидат дел од идната владина програма.