Знаете ли македонски?


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Неодамна Владата донесе одлука со која 5 мај го прогласи за ден на кој се одбележува македонскиот јазик, како ден на кој во 1945 година е официјализирана македонската азбука. Добро. Може и не е лошо да мислиме на македонскиот јазик како на нешто живо што расте и се развива. Но дента на одбележувањето многумина го искористија за да кукаат за тоа како јазикот ни е во распад, како воопшто не се грижиме за него, како Институтот за македонски јазик нема пари и нови вработени, како катедрите за македонски јазик и книжевност не предизвикуваат интерес за студирање, како државата ни е неписмена или полуписмена, без сами што било да преземат. И така, сите си се испожалија и претпоставувам дека следниот 5 мај сите истото ќе го направат и ќе ѝ предложат на Владата дека нешто треба да преземе околу ова прашање. Претставници од Владата ќе речат: важи. Ќе дојдат, ќе се сликаат со професори по македонски јазик и после ќе си одат дома.

Сликам една малку цинична слика на состојбата оти сметам дека негата за јазикот не треба да се расте и развива само или единствено под покровителство на Владата (со ова не сакам да кажам дека Владата не треба да помага проекти кои се во корист на развојот на јазикот). Јазикот е жива материја која се развива и расте во согласност со културата и општеството. Го користиме сите, се разбира, и поради тоа, одговорноста за состојбата на македонскиот јазик на извесен начин е колективна.

Еве да почнеме од Институтот за македонски јазик. Многумина не знаат дека постои ваков институт, бидејќи тој воопшто не е присутен во јавноста со ставови или размисли околу тоа како се развива јазикот и што се случува со него. За жал, дел од Институтот се подразбуди само кога се направи паника околу тоа дека албанскиот јазик би можел да му го земе „местото“ на македонскиот. Инаку, на Институтот му требаше вечност да извади еден толковен речник, а за други лексикографски „потфати“ не станува ни збор, проекти што би биле од огромно значење за сите што се занимаваат со јазикот во земјава: писатели, преведувачи, новинари, автори на какви и да се текстови за професионални цели. Мислам дека проблемот со неработењето на Институтот (со чесни исклучоци, како и во сите државни институции) не е само во неговото нефинансирање од државата: поддршка за вакви проекти не се наоѓа толку тешко. Проблемот, како и на други места, е во летаргичноста и чекањето некој друг да преземе одговорност (ако може државата, тоа би било одлично).

Ајде да продолжиме со медиумите, за кои сметам дека во последно време се виновник број еден за ширењето на полуписменоста, за поттикнување на паушалноста и непрофесионалноста, за легитимизација на мрзеливоста и конечно, за нормализирањето на неразбирливите реченици поради кои мисловниот процес станува матен, неразбирлив. Голем дел од медиумите –особено пишаните електронски медиуми – објавуваат текстови кои не само што се напишани како од шестоодделенец, со нелогична и неразбирлива синтакса, туку најчесто се нелекторирани и полни со смешни печатни грешки. Во нив ќе видите и мрзлива употреба на зборови како „артикли“ наместо „статии“, „сервиси“ наместо „услуги“, „стрит артисти“ наместо „улични уметници“. Причината за последново, секако, е големото влијание што го има англискиот врз македонскиот. Тука нема ништо необично или неприродно: јазиците се менуваат, влијанијата се усвојуваат. Проблемот е кога усвојувањето е мрзливо и необмислено и кога влијае врз осиромашувањето на јазикот: се внесуваат англиски варијанти, но се губат старите, а нови кованици не се измислуваат. На крај, звучиме како бабите и дедовците од Австралија и Канада: не знаеме ниту англиски, ниту македонски.

Дел од проблемот е што медиумите не мислат дека лекторите се потребни. Лектор – тоа е за нив најнебитната алка во процесот на пишување. За нив е скапо да платат лектор, иако лектура чини од 17 до најмногу 120 денари по страница. За нив лектор не треба, оти сами знаат македонски. Како да ви кажам: не знаете, и се гледа.

Патем, ние имаме и Закон за употреба на македонскиот јазик и медиумите се обврзани да го почитуваат – но тоа не го прават. Чинам дека дури има и јазични инспектори во Министерството за култура кои би требало да се занимаваат со ова прашање – но тоа не се случува. Толку за официјалната нега за јазикот.

Би сакала и да спомнам дека малку е чудно професорите на катедрите за македонски јазик и книжевност да се жалат дека студенти не се заинтересирани да се запишуваат кај нив на студии. Можеби за тоа се виновни самите катедри и студиските програми што ги нудат и конечно, кадрите што ги обучиле да предаваат македонски јазик и книжевност во основните и средните училишта, кадри што ги онеписмениле учениците и ги натерале да мислат дека нема ништо интересно во изучувањето на македонскиот јазик и книжевност?

Затоа сум благодарна што имаме многу поединци кои со љубов, трпение и длабока обмисленост го развиваат и негуваат јазикот, помагаат во неговиот жив развој преку пишување (особено сум горда на авторките што пишуваат за деца, како Црвенковска, Малеска, Баковска), на научниците и професорите на кои не им треба владина помош за да го истражуваат јазикот како живо битие, на преведувачите што пренесоа цели култури (мориња и океани, Огнен Чемерски) во нашиот јазик.