Злоупотребата на Конески: Венко Андоновски – Политиката сѐ повеќе ќе ги ограбува дијамантите од овие трезори


Во актуелниот миг, исполнет со меѓународно-политички искушенија за постоењето на македонскиот јазик, но и политичката (зло)употреба на домашен терен, 2021 година е посветена на Блаже Конески, зашто нашата култура денес и секоја помисла на Македонија со право се врзуваат со името на Конески, бидејќи тој ги осветлуваше и афирмираше пред своите современици и пред лицето на современиот свет, суштината на македонското битие, основните белези негови, израз и потврда на неговото историско постоење и на неговата иднина: јазикот и културата, како што ќе забележи акад. Матеја Матевски.

Кога по повод Денот на поезијата и УНЕСКО во Париз му оддава почит на Блаже Конески, одбележувајќи ја 100-годишнината од неговото раѓање, потребно е да се потсетиме на неговите значајни мисли за јазикот и името – македонски. Имено, дека македонскиот јазик е нашата „единствена неподелена татковина“, а нејзиното име – Македонија е „големо и ќе сакаат да ни го земат“! И навистина, сè што предвиде, се случи! И доколку би бил жив, сигурно повторно би воскликнал: „Како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“, ќе напише историчарката Наташа Котлар, инспирирана од чествувањето.

„Еднаш во векот се раѓаат ваквите луѓе. Среќни сме како народ што божјата добрина ни го подари за да имаме и ние со што да се пофалиме, со што да се гордееме. Со него сме свет во светот на културата и на духовниот престиж. Алем-камен е тој во дијадемата на нашата нација“, ќе забележи знаменитиот Гане Тодоровски.

Зошто Конески чиј живот и дело се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, е постојана мета на политичка злоупотреба паралелно со чествувањето на неговата поезија и најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет, за „Независен“ пишуваат македонски автори и универзитетски професори, изучувачи и промотори на неговото дело.

 

Венко Андоновски: Политиката сѐ повеќе ќе ги ограбува дијамантите од овие трезори

Не е ништо невообичаено тоа: политичка злоупотреба на големи умови. Маркс беше голем филозоф, па видовме каква лакрдија направија во пракса од него „социјалистите“ и „комунистите“. Но Маркс беше хуманистички мислител, а не уметник. Работите стануваат пострашни кога политиката за свои цели злоупотребува уметници. Често вадат мисли од контекст и ги ставаат во свој, политички, дневен контекст.

Тоа му се случи на големиот српски писател Пекиќ неодамна: Американците, преку некоја невладина организација направија реклама во која извадија мисли на негов лик-негативец, нацист. А ги пласираа како да се тоа мисли на авторот: нешто во стил – не ни треба историја, да требаше да гледаме назад, Господ ќе ни ставел очи на тилот. Страшно. И на лаик му е јасно дека реалниот автор не ги споделува мислите на сите свои ликови, зашто мора да има негативци. Без негативци нема нарација, нема драматика, нема конфликт.

Така е и кај нас. Конески е тука најкрупната мета. Може ли да има покрупна? Лингвист од рангот на Сосир и Јакобсон, поет и филозоф од рангот на Хајне и Његош, енциклопедист од рангот на Крлежа. Татко на цели книжевни и научни македонски поколенија. Политиката, која за жал се претвора во дисциплина за луѓе со картон меѓу двете мозочни хемисфери (чест на исклучоците кои се навистина исклучоци), сѐ повеќе ќе ги ограбува дијамантите од овие трезори. На глупав човек му треба мудра мисла како на гладниот леб. А глупавите денес се сити од леб.

Да му се даде партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ на Конески кога СДСМ ќе киксне на некое „патриотско прашање“ (како идентитет, јазик и слично) – е пред сѐ дрскост и безобразие. Мртов човек не вели ни „сакам“ ни „не сакам“. Да му се дава на Конески партиска книшка од СДСМ секогаш кога ќе се сетат на него (а не можеш да не се сетиш на 100 години од раѓањето) е исто така безобразие и дрскост. Политиката со тоа покажува колку ги цени уметниците – тие за нив се само пиони кои можат да ја сменат бојата во зависност од моменталната ситуација на политичката шах табла.

И не е само Конески. И Славко Јаневски настрада. Го штитеа од СДСМ, префрлајќи му на ВМРО дека немаат право да го споменуваат на своите митинзи, зашто токму тие го лустрирале. Во главата на обичниот народ, по ваквите политички злоупотреби, за жал, ќе остане само информацијата дека Јаневски бил лустриран. А никој нема да знае дека е и татко на првиот печатен македонски роман. Ред немаат прочитано, а се китат со туѓи мисли. Типичен паланечки менталитет. Опишан во „Госпоѓа министерка“, кај Чехов и Гогољ… а и кај наш Чинго…