Злоупотребата на ИПА фондовите ќе стане посебно кривично дело


Злоупотребата на парите добиени од ЕУ преку ИПА фондовите ќе стане посебно кривично дело во Македонија, најави министерот за правда Бојан Маричиќ известувајќи дека таквата директива на ЕУ ќе се најде во измените на Кривичниот закон што ги најави вчера Владата. Со истиот закон ќе се внесе и кривично дело сексуално вознемирување, социјалните медиуми ќе станат „сретства за јавно информирање“ и кривично ќе се гонат заканите упатени преку нив, а државата ќе озебеди за првпат паричен надомест до 5.000 евра за жртвите од кривични дела со насилство. 

Меѓу седумте закони што со европско знаменце се испратени во Парламентот е и Законот за Академијата на судии и јавни обвинители со кој сега се утврдува помалку електронско полагање а повеќе практично знаење на завршниот испит, како и пократки рокови за поднесување приговори, и Законот за адвокатура со кој се воведува новина – формирање Едукативен центар за континуирана обука на адвокатите, поддржан од нивната комора и со финансиска помош најавена од амбасадата на САД.

Со измените на Законот за кривична постапка ќе се интервенира во делот за вештачењето, доставата на судските покани, во забрзувањето на постапките во спорови со мала вредност, а ќе се отвори врата и за електронски поднесоци, а во одредени случаи кога го бараат и овозможуваат тоа условите – судењата да се одвиваат онлајн.Во тој контекст министерот Маричиќ го најави мониторингот на ОБСЕ на 50 случаи по нивен избор и на начин и формат што самите ќе го одберат, кој нема да се однесува на содржината на процесите и на пресудите, туку на начинот на  функционирање на судската власт.

– Ние како влада го побаравме тоа уште пред две години. Среќни сме и задоволни што ќе почне овој проект за да се врати јавната доверба и да излезат на површина силните страни и слабостите во правосудниот систем за да можеме по објективно да гледаме на некои работи, случаи, изјави Маричиќ.

Околу новинарската забелешка дека и досега странски преставници набљудувале одредени процеси и тоа не влијаело на нивното застарување или пролонгирање, Маричиќ забележа дека е индикативно што некои случаи  завршиле за само неколку месеци (Рекет, 27 април…), наспроти други што траат со години и дека тоа треба да биде предмет за анализа во Судскиот совет. Притоа, тој ги спомена  разрешените судии, забележувајќи дека не се гледа иста динамика во јавното обвинителство каде што не е разрешен досега ниту еден обвинител.

-Видно е различна динамиката каде што имаме шеснаесет разрешени судии за период од две години, од кои 7 од први јануари до денес, а од друга страна нема конкретен предмет за обвинител. Мислам дека битно што прв пат се употреби Методологија за оценување при избор на јавните обвинители во Вишето јавно обвинителство Скопје и Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Потребно е раздвижување во делот на обвинителство, рече Маричиќ.

Тој потсети дека во тек е подготовката и на новиот кривичен закон од страна на специјално формираната работна група и дека ќе се направи обид во него да се најде решение за актуелниот проблем со повторување на судењата поради смена на поротниците или разрешување на судиите, но лично беше скептик дека за такво нешто може да се обезбеди двотретинско мнозинство – бидејќи има разни интереси во партиите.