Златко Јовановски специјален гостин на Модната недела во Тбилиси: Ѝ Македонија знае што е светска мода
Златко Јовановски со модни ателјеа во Скопје и во Тетово под брендот “ЈZJ by Zlatko Jovanovski”, ја продолжи гламурозната модна приказна и на Модната недела во Тбилиси, Грузија. Препознатлив по драматичните тоалети и венчаници кои наликуваат на креациите на либанскиот дизајнер Зухаир Мурад, омилен на Холивуд, воодушеви со своето модно шоу на отварањето на модниот настан.

-Колекцијата “З” е наменски направена за ревијата во Грузија, на “Georgia Couture Fashion Week”. Јас на тој моден настан бев повикан како специјален гостин, некој кој ќе го отвори настанот, затоа што организацијата знаеше дека ќе направам вистинско шоу. Беше услов да имам нови креации, некој кој што не се презентирани никаде предходно.Направив нови 17 креации и тргнав за Тбилиси, вели Јовановски.
Колекцијата “З” е инспирирана од огледалото.
-Кога ќе се видам во огледало, гледам една комплетна и совршена личност, на се тоа додавам одблесоци од кристали, камења, монистри. Сакам секоја моја следна колекција да биде подобра од претходната, да биде повеќе часови везена и секогаш да има нешто ново, потенцираше Јовановски.
Се трудел максимално да ѝ се посвети и на креациите но и на музиката, заедно со модниот краткометражен филм дело на Марина Трајковска од “МТ Видеографи” за да се добие едно комплетно модно шоу.

-Сепак, таму имаше дизајнери од Франција, Ерменија, Јордан, Молдавија, Казахстан, Србија и нормално локални од Грузија, и сакав Македонија да ја покажам во најдобро светло, и според овациите по социјалните мрежи и коментарите на публиката присутна таму, мислам дека успеав во тоа. Давав доста интервјуа, снимав емисии, публиката се фотографираше со мене, и мислам дека комплетно сумирано направив одлична работа и покажав дека ѝ Македонија знае што е светска мода, ни изјави дизајнерот.
Организацијата на Модната недела во Тбилиси била на високо ниво и беспрекорна.
-Имаше многу луѓе од “позади сцена” и секој си ја вршеше својата задача, на се тоа имав и тројца асистенти кој што континуирано беа околу мене. Бев искрено зачуден колку се поминуваше глатко.
Златко имал време и да ги открие убавините на Тбилиси.
-За среќа имав можност и време да го прошетам и градот. Тбилиси е град, спој на старото и новото. Со прекрасни градби, целиот планински распространет, со широки улици и многу малку семафори. Да, сообраќајот е организиран хаос хаха. Ја пробав и нивната традиционална кујна, прекрасна е, вели Јовановски. (Л.С.)