Жртвата не смее да оди од врата на врата, системот мора да дојде до неа
Состојбите со кои сме се соочиле несомнено упатуваат за преземање сериозни чекори кон превенција и санирање на овој вид криминалитет, иако според статистичките податоци со кои располагаме во Јавното Обвинителство станува збор за ситуација со континуиран висок раст на овој вид криминалитет, истакна државниот јавен обвинител Ненад Савески на надзорната расправа организирана од собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
На надзорната расправа на тема „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“, државниот обвинител Савески, нагласи дека во семејното насилство, во последниот период доминираат случаи со тешки последици по животот и телото и со смрт кај жртви.
-Жртвите на семејно насилство не се бројка и не треба да бидат бројка ниту за институциите, бидејќи ние имаме обврска да ги заштитиме и ефикасно да ги гониме сторителите на кривични дела. Овој криминалитет наместо да е намален е растечки. Треба да се размисли за интервенција во Кривичниот законик во кривичното дело неизвршување на судска одлука. Во оваа прилика сакам да повикам на соработка меѓу институциите и таа соработка да не е во протоколарна форма, туку да биде во навремена реакција за да се спречи понатамошна ескалација на овој вид кривични дела. Со тесна меѓуинституционална координација ќе има превенција, но и поголема заштитна форма на жртвата, истакна Савески.
За меѓуинституционалната соработка и системската одговорност на денешната надзорна расправа говореше и проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство која истакна дека на процесот му е потребна континуирана поддршка и заедничка мултисистемска посветеност.
-Жртвата не смее да оди од врата на врата, системот мора да дојде до неа. Во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство сместен е еден од Центрите за жртви на сексуално насилство. Формирањето на овој Центар претставува значаен чекор во исполнување на обврските кои произлегуваат од ратификување на Истанбулската Конвенција. Од тогаш до денес, центарот функционира, но реалноста е дека системски сеуште не е доволно видлив и препознаен. Кога жртва на сексуално насилство ќе се обрати до Центарот, мултидисциплинарниот тим се мобилизира и се собира на едно место, таму се обезбедува сеопфатна услуга со примена на стандардизирани процедури со учество на здравствени работници, психолози, социјални работници, претставници од Обвинителство, Судска медицина и полиција. Ова значи дека жртвата не се изложува на дополнителен стрес и немора да поминува низ повеќе институции поставувајќи ја својата приказна повеќепати. Ова значи дека системот конечно функционира како еден. Жртвата добива интегрирана, навремена и сензитивна грижа со што директно се намалува ризикот од секундарна виктимизација, посочи Алексиовска Папестиев.
Според првиот човек на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Центарот за жртви на сексуално насилство не треба да постои само на хартија, туку систем што ќе функционира во пракса.
-Нашата цел не е да имаме Центар што постои на хартија, нашата цел е да имаме систем што функционира во пракса. Нашата заложба не застанува со формирањето на овие Центри. Целта е јасна, целосна операционализација, одржливост и функционалност на центарот во системот. Сакам да истакнам дека постои јасна институционална волја центарот да биде интегриран како организациона единица во рамки на јавната здравствена установа со што ќе излезе од рамките на проект и зависност од донатори, а неговото буџетирање ќе биде од страна на Фондот за здравствено осигурување. Ова е клучниот чекор од проект кон систем. Со ова директно се обезбедува долгорочна одржливост, континуитет и системска стабилност, порача директорката Алексиовска Папестиев на денешната надзорна расправа во собранието организирана од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
Од излагањата на учесниците во надзорната расправа „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“ ќе бидат изработени заклучоци, мерки и насоки за понатамошно дејствување посочија членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.