Жените во Македонија повеќе магистрираат и докторираат од мажите


Фото: Б. Грданоски

Се повеќе магистри, специјалисти и доктори на науки добива државата од година во година, а најголем дел од нив се жени. Последните податоци од Државниот завод за статистика, објавени денеска, велат дека лани магистрирале или специјализирале 1.855 граѓани, што е за половина процент повеќе од 2024 година (1.846 лица стекнале звање магистар или специјалист). Зголемувањето е уште поизразено кај докторите на науки: лани докторирале 245 граѓани, што е дури 14 отсто повеќе од претходната година (во 2024 – докторирале 215 лица).

Ова е тенденција која се забележува и во изминатиот период. Во 2024 година, пак, докторирале речиси четвртина повеќе лица отколку во 2023, а сличен раст има и во претходните години.

Што се магистрира и докторира?

Според податоците, во 2025 година Македонците најмногу сакале да магистрираат или специјализираат во делот на бизнисот и правото. Од 1.558 магистерски трудови, речиси една третина биле во оваа област – 497. Имало и голем интерес за инженерство, производство и градежништво – 256 магистерски трудови, а за општествените науки – 230.

И покрај постојаниот недостаток на здравствен кадар, особено специјалисти или пак повисоки научни звања кои ќе го пренесат знаењето на лекарите, од дипломираните доктори само 82 специјализирале или магистрирале.

Сосема обратно, дури една четврт од докторските трудови (245) биле во делот на здравството и социјалната заштита – дури 62, што е најголем дел од докторатите лани.

„Најголем број од лицата, 25,3%, докторирале во областите здравство и социјална заштита; во бизнис, администрација и право – 14,7%; во инженерство, производство и градежништво – 12,7%; во уметност и хуманистички науки – 12,2%; следат областите општествени науки, новинарство и информирање со 10,2%, а останатите области се со помал процент на застапеност“, пишува во извештајот на Државниот завод за статистика.

Жените повеќе учат!

Податоците покажуваат интересни тенденции за тоа кој повеќе оди напред во образованието – мажите или жените. Редовно, над 60% од магистерските трудови на годишно ниво се на жени.

„Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2025 година е 61,2%. … Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2024 година е 61,6%“, пишува во извештаите на ДЗС за 2025 и 2024 година.

Така, лани од 1.558 магистри, дури 954 биле жени, а 604 мажи. Кај специјализациите е уште поизразено – 203 биле жени, а 94 мажи.

Бројките од статистиката покажуваат и ваква тенденција – жените, очигледно, се подобри математичарки од мажите. Од 74 магистри во делот на природните науки, математиката и статистиката, дури 60 биле жени, наспроти само 14 мажи. Слично е и во здравството, каде магистрирале 60 жени и 14 мажи. Повеќе магистрирани жени има и во делот на бизнисот, правото и општествените науки, но таму разликите се минимални.

„Во текот на 2025 година, 147 жени одбраниле докторска дисертација, што претставува 60% од вкупниот број лица што докторирале во истата година“, констатираат од ДЗС.

Во делот на здравството докторирале 45 жени и 17 мажи, а двојно повеќе докторирани жени има во бизнисот и правото (24 жени наспроти 12 мажи), како и кај природните науки и математиката (11 жени наспроти 6 мажи).

Каде сме во споредба со другите?

Ако се земат бројките за вкупно население во државата од 1,8 милиони жители и податоците согласно пописот од 2021 година за магистри, специјалисти и доктори на науки, како и статистиката за овие категории до 2025 година, во Македонија на илјада жители има околу 3,4 доктори на науки и 22,5 магистри.

Според податоците од националните институции за статистика и Евростат, Македонија по бројот на доктори на науки се доближува до Словенија (која има 3,8 доктори на науки на 1.000 жители), што претставува една од највисоките стапки во Европа. Следна е Данска со 3,2 доктори на науки на илјада жители. Од регионот, најмалку доктори има во Бугарија и Србија – таму еден доктор на науки има на секои две илјади жители.

Додека во бројот на доктори на науки предничиме, заостануваме од европскиот просек на магистри на науки. Во Европа обично има по 50 магистри на илјада жители, што е двојно повеќе од Македонија. Највисоки стапки за магистри во Европа имаат Данска, Полска и Германија, каде речиси еден од десет жители е магистар.