Жената која нелегално наплаќа влезници на „Камени кукли“ била носител на советничка листа од Единствена Македонија
Од Општина Кратово вчера излегоа со свој став по наводите дека одредени лица нелегално наплаќаат влезници на локалитетот „Камени сукли“. Во објавата на Фејсбук, тие ги споделија и имињата на поединците.
„Причината за ова е фактот што подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња“, се наведува во објавата на Општина Кратово.
За ситуацијата да биде уште поапсурдна, Стојна Димитровска Боотх на последните локални избори, била Носител на Советничката листа на партијата „Единствена Македонија“ за Општина Кратово.
Во објавата во која лидерот на партијата, Јанко Бачев, ја промовира кандидатурата на Стојна за Носител на советничката листа, вели: „Кратово заслужува нов лик. На Кратово му требаат некои други од тие едни исти што 35 години ги гледате. На Кратово му треба чесно, одговорно и транспаретно работење. Стојна е една од вас, има мисија да биде глас на граѓаните, за општина во која секој ќе се чувствува слушнат и почитуван, за Кратово сакано од кратовчани и почитувано од сите други“.