Зголемување на субвенциите за студентски оброк од 140 на 150 денари, бараат од Студентското тело

Да се зголеми сумата на субвенционираниот студентски оброк бараат од Националното студентско тело, а за тоа во прилог имаат и пресметка во склад со стапката на инфлација по секоја буџетска година, а пред донесувањето на државниот Буџет за наредната година.
Последната промена на висината на надоместокот за субвенционираниот оброк беше во 2023 година, кога се зголеми од 120 на 140 денари, стои во соопштението од националното студентско тело.
Според Законот, како Национално студентско тело, репрезентативно тело на сите студенти во земјата, при планирањето, пред усвојувањето на државниот Буџет за 2026 година, бараме да се предвидат средства за зголемување на износот за субвенциониран студентски оброк од 140 на 150 денари.
Објаснување: Стапката на инфлација во Република Северна Македонија во 2024 година изнесува 3,5% (според податоците на НБРСМ и ДЗС). Дополнително, според предвидувањата на ММФ, стапката на инфлација за 2025 година ќе изнесува 3,4%, додека НБРСМ проектира 3% инфлација за 2025 година. Доколку се направи пресметка за двете години, сумата на студентскиот оброк треба да се зголеми за 10 денари во 2026 година.
Пресметка:
* 140*(3,5/100)=4,9 денари зголемување за 2024 година
* 140+4,9=144,9*(3,4/100)=4,92 денари зголемување за 2025 година
* 144,9+4,92=149,8 ≈ 150 денари
Фискални импликации: Фискалните импликации за зголемувањето се следните: ако се земе предвид дека во просек околу 30.000 студенти во државата се корисници на мерката во текот на 9 месеци во една година, тогаш за ова зголемување потребни се дополнителни 70.200.000 денари или 1.141.463 евра годишно.
Пресметка: 10 денари * 26 дена * 9 месеци * 30.000 студенти = 70.200.000 денари.
Ова прилагодување не претставува дополнителна придобивка, туку неопходен чекор за одржување на реалната вредност на студентскиот оброк. Со ова зголемување ќе се обезбеди поголема сигурност и поддршка на студентите во услови на зголемени трошоци за живот, ќе се намали нивниот финансиски товар и ќе се придонесе кон создавање на подобри услови за студирање. На тој начин, државата покажува грижа и инвестира во младите луѓе, кои се столбот на идниот општествен и економски развој на Република Северна Македонија, порачаа од Националното студентско тело.