Земјотресот во Скопје остана дел од колективниот ген

Траумата од големата трагедија трае и денес. Специјална седница на Собранието и мултимедијална програма наречена „Скопје во пет и седумнаесет“


Цвеќиња на Споменикот на загинатите во гробиштата „Бутел“

 

Иако поминаа 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје траумата од него и натаму е присутна речиси секој ден. Денеска, токму на оваа трагична годишнина Македонија, и посебно Скопје, со пиетет се сеќава на 1.700-те жртви и на урнатините во кои се претвори главниот град во 5 часот и 17 минити.

Во Собранието се одржа седница на која се обратија претседателот на законодавниот дом Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски. Одбележувањето на овој ден е многу важен, бидејќи како што рече Џафери, тој треба да биде водилка и потсетник за важноста на сплотеноста и единството со цел помагање на немоќните. Ковачевски,истакна дека помошта која пристигнала за градот Скопје е потсетник за значењето на солидарноста во најтешките денови.

„Веста одекна и се рашири многу брзо и Скопје стана местото кон кое се насочи целото внимание на хуманиот и демократски свет, којшто без двоумење ги презеде сите неопходни мерки што ги имал на располагање, за да одговори најбрзо и најефективно што може на болниот крик на погоденото Скопје. Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Со еден збор, се активира интернационалната солидарност и пред сѐ, човечноста и човечката свест и совест“, порача Џафери.

Тој нагласи дека Скопје ги спои околу една цел луѓето, институциите, меѓународните организации и воопшто човештвото. „Тоа го стави Скопје на пиедесталот како град – симбол на солидарноста, епитет на кој што сите ние се сеќаваме со должна почит, затоа што во секој агол на овој убав град наидуваме на дело кое е потсетник на интернационалната солидарност и потсетник за сите нас за тоа колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Потсетник за тоа колку значи подадена рака, понудена помош, топло засолнште и оброк во време кога си изгубил сѐ и си останал сосема сам со својот гол живот“, рече Џафери.

Специјална седница на Собранието

Во сличен тон зборуваше и премиерот Ковачевски. „Повикот за помош се слуушна насекаде, а помошта почна да пристига од сите страни на светот. Луѓето од целиот свет подадоа рака и заедно со нашите граѓани помогнаа Скопје да добие нов лик. Во тие моменти непроценливи беа зборовите на утеха и споделување на тагата и болката со скопјани од последиците кои зад себе ги остави разорниот земјотрес. Многу бројки има од тие денови кои на хартија се можеби само број, но во реалниот живот значат искрена човечка солидарност и помош кога е најпотребно“, нагласи премиерот.

Ковачевски рече дека речиси секоја зграда и улица во Скопје претставува споменик на солидарноста. „Над 80 земји оставија толку многу зад себе – Тафталиџе, Маџари, Козле, Ѓорче, Центар, засекогаш ќе се сеќаваат на долгите списоци на објекти, училишта, поликлиники, станови, детски градинки, станови, подарок од целиот свет. Музејот на современата уметност каде се наоѓаат делата на големите уметници кои на разурнатиот град како подарок му ги испратија своите дела“, нагласи тој.

Претседателот Стево Пендаровски положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Во името на Владата цвеќе положија вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ,   министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-министерот за образование Агим Нухиу.

Почит кон загинатите оддадоа и делегации од Собранието и од Градот Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски положува цвеќе на Споменикот на загинатите

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска имаше пошироко обраќање на социјалните мрежи во кое, меѓу другото, наведе дека во тие трагични моменти „целата земја стана единствена во желбата да му помогне на Скопје и во тие моменти најсилно дојде до израз братството и единството на југословенските народи, а потоа и помошта на голем број други земји од целиот свет.

Скопје го доби скапоцениот камен во круната наречен солидарност. Тој скапоцен камен на солидарноста денеска го сведочат бројни објекти, јавни установи, станбени објекти и цели населби кои беа изградени како подарок со љубов за Скопје. Обединетите Нации ги повикаа тогаш најголемите и најзначајни светски урбанисти и архитекти Константин Доксијадис од Грција, Кензо Танге од Јапонија, Адолф Циборовски од Полска и уште цела плејада други светски и југословенски архитекти и урбанисти.

Сите беа обединети околу идејата Скопје да биде град на нова ера, агора на демократијата и  форум на слобода. Беа исцртани и поставени темелите на една модерна метропола во која главен двигател е неговиот континуиран развој со обележја коишто проникнуваат и се надоврзуваат на неговата автентичност“.

Таа се осврнува и на проектот „Скопје 2014“ означувајќи го како момент што донел многу поделби во градот на солидарноста.

„Го откорнаа градот од неговата органска поврзаност со вековната, препознатлива приказна на град со отворена и инклузивна урбана средина на различни култури и традиции. Го нарушија единствен ритам на пријателска, комшиска заедница во која солидарноста е нишката која поврзува. Објектите на ‘Скопје 2014’ се како ‘циркони’ кои може да се ‘светликави’, но тоа не е сјајот на Скопје. Тие кич циркони се симболи на делба, а Скопје не е тоа на ниту еден начин“, напиша Костадиновска-Стојчевска.

По повод 26 јули Министерството за култура и Владата денеска организираат мултимедијална програма симболично насловена „Скопје во пет и седумнаесет“, со која преку низа културни настани ќе се одбележат спомените на последиците од катастрофалниот земјотрес. (Н.В.)