Земјите од ЕУ го одобрија трговскиот договор со САД пред рокот што го постави Трамп


Земјите членки на Европската Унија дадоа конечно одобрување за долго дебатираниот договор за царини со Соединетите Американски Држави, во услови на закана од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини доколку договорот не биде постигнат до 4 јули.

– Посветени сме на силно и отворено трансатлантско партнерство со нашиот историски сојузник – изјави кипарскиот министер за трговија Михалис Дамијанос, кој го водеше процесот.

Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во август 2025 година постигнаа договор со кој американските царини за најголемиот дел од производите од ЕУ ќе бидат ограничени на 15 проценти.

За возврат, ЕУ се обврза да ги укине царините за американските индустриски производи и да го олесни пристапот на американските земјоделски производи до европскиот пазар.

Во моментот на постигнување на договорот останаа неразјаснети бројни правни детали, што доведе до законодавна постапка во ЕУ за негово спроведување.

Трамп, сепак, се закани со повисоки царини доколку договорот не биде подготвен за примена до Денот на независноста на САД, 4 Јули.

ЕУ во договорот вклучи и повеќе заштитни механизми за европските економии.

– Отвореноста мора да оди рака под рака со заштитата на нашите интереси – изјави Дамијанос.

Меѓу тие мерки е одлуката тарифните поволности да престанат да важат на 31 декември 2029 година, освен ако нивното важење не биде продолжено.

Дополнително, договорените заштитни механизми ѝ овозможуваат на Европската комисија да ги суспендира тарифните поволности доколку Вашингтон не ги намали царините за челик и за производи од алуминиум од ЕУ на 15 проценти до крајот на 2026 година, соопшти Европскиот парламент.

– Овие мерки обезбедуваат стабилни и предвидливи трговски текови со САД, а воедно гарантираат дека ЕУ ќе може брзо и соодветно да реагира ако договорот не се почитува или ако нејзините интереси бидат доведени во прашање – рече Дамијанос.