Зеленски : Толку пати сакаа да не уништат, но не можеа
Лидерот на Украина, Володомир Зеленски, ги повика Украинците да не се обесхрабруваат, откако руските сили го презедоа Херсон:
„Преживеавме две светски војни, три глади, Холокаустот, Бабин Јар, Големиот терор (на Сталин во 1937 година), експлозијата во Чорнобил, окупацијата на Крим и војната на истокот на нашата држава. Толку пати сакаа да не уништат, но не можеа.
Поминавме толку многу. И, ако некој мисли дека, откако ќе го надмине сето ова, Украинците, сите ние, ќе се исплашиме, ќе се скршиме или ќе се предадеме, тој едноставно не знае ништо за нас. Тој не знае ништо за Украина“, порача Зеленски.
Во најновото видео обраќање, претседателот Зеленски исто така рече дека Русија ќе и компензира Украина за сите штети што ги претрпе за време на бруталната војна, порачувајќи:„Ќе ја обновиме секоја куќа, секоја улица, секој град“.
Според него, руските ракетни и бомбашки напади врз украинските градови се признание дека тие не успеаја да постигнат ништо значајно со интервенцијата досега.