Зеленски: Разговарав со Остин за украинската противвоздушна одбрана и нападите во длабочината на руската територија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денеска во Киев разговарал со американскиот министер за одбрана Лојд Остин за украинската противвоздушна одбрана и нападите во длабочината на руската територија.

Зеленски на платформата Икс, напиша дека со Остин разговарал и за напорите за зголемување на производството на воени беспилотни летала, крстосувачки ракети, артилериски гранати и системи за противвоздушна одбрана. Украинскиот претседател наведе дека Остин со него ги споделил плановите за свикување на идниот состанок на клучните сојузници на Украина во Рамштајн во Германија, откако таков состанок што беше закажан за октомври беше одложен откако американскиот претседател Џозеф Бајден го откажа неговото учество.

Остин денеска за време на неговата посета на Киев изјави дека САД ќе испратат нов пакет воена помош за Украина во износ од 400 милиони долари (368 милиони евра).

Тој во разговорот со Зеленски наведе дека пакетот вклучува дополнителна муниција, оклопни возила и противтенковско оружје.

Американскиот министер за одбрана пристигна во работна посета на Украина по серијата средби што американскиот претседател Џозеф Бајден ги имаше во Берлин со клучните европски партнери, изјави денеска шефот на кабинетот на украинскиот претседател Серхи Лешченко.

„Претходно, од безбедносни причини никој не најавуваше однапред кој доаѓа во Киев додека гостинот не ја напушти Украина, но сега има нова практика бидејќи ситуацијата се менува на подобро“, изјави Лешченко.

Тој посочи дека посетата на Остин најверојатно ќе биде последна посета на член на американската влада на Украина пред претседателските избори во САД.

Според него, по средбите во Берлин на американскиот претседател Бајден со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, има потреба од „усогласување на позициите“.