Зеленски призна дека Донбас и Крим не можат да се вратат на воен начин
Украинската армија нема сила да ги врати Донбас и Крим кои ги зазеде Русија, но Киев не може да се откаже од овие територии, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Украинскиот устав ни забранува да го правиме тоа. Де факто, овие територии сега се контролирани од Русите. Немаме сила да ги вратиме. Можеме да сметаме само на дипломатскиот притисок од меѓународната заедница да го принуди [рускиот претседател Владимир] Путин да седне на преговарачка маса“, рече Зеленски во интервју за францускиот весник „Паризиен“.
Во исто време, на прашањето дали е подготвен да започне мировен дијалог со Путин, Зеленски рече дека не е важно кој седи спроти него, „важно е во каква состојба си“. „Не мислам дека сме во слаба позиција, но не сме ниту во силна позиција. Дали ќе бидеме во НАТО? Не знаеме. Дали ќе бидеме дел од Европската Унија? Да, во иднина, но кога?” изјави украинскиот претседател. Според него, започнувањето преговори со Путин во такви услови значи „да му се даде право да одлучува за сѐ во нашиот дел од светот“. Затоа, Зеленски повика прво да се развие „акциски план или мировен план“ што би можел да му се претстави на Путин „или пошироко, на Русите“.
Во исто време, украинскиот лидер додаде дека ниту еден светски лидер „нема право да преговара со Путин без Украина“. „Ние никому не сме го делегирале овој мандат. Ние сме жртвата“, нагласи Зеленски. Тој го спомна избраниот американски претседател Доналд Трамп, кој сака брзо да дејствува за да се стави крај на војната. Сепак, според Зеленски, Трамп сѐ уште не е во Белата куќа и нема пристап до сите информации за воениот конфликт за да донесе заклучоци. Украинскиот претседател го нарече опасно и „замрзнувањето“ на непријателствата за почеток на преговори со Русија.
Зеленски изрази надеж дека со доаѓањето на Трамп, САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да ја зголемат воената помош. „САД беа и остануваат наш главен донатор во оваа војна, иако за Украина, сакам да нагласам, и Европа и САД се важни. Ние не ставаме никого над другиот. Америка може да има влијание врз Путин. Европската унија е нашата иднина, тука се гледаме“, заклучи украинскиот претседател.