Зеленски му порача на Трамп дека живее во „простор на дезинформации“


Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Доналд Трамп дека повторува дезинформации, еден ден откако американскиот претседател лажно ја обвини Украина за започнување на војната со Русија.Зборувајќи пред новинарите во Киев, Зеленски ги отфрли неколкуте неосновани тврдења што Трамп ги изнел во вторникот.

„За жал, претседателот Трамп – имам голема почит кон него како лидер на нација за која имаме голема почит, американскиот народ кој секогаш не поддржува – за жал живее во простор на дезинформации“, рече Зеленски.

Американските и руските официјални лица во вторникот одржаа разговори на високо ниво за ставање крај на војната во Украина во саудискиот главен град Ријад, средба од која Киев беше исклучен.Двете страни се согласија да назначат тимови на високо ниво за да преговараат за крајот на војната и рекоа дека работат на повторно воспоставување дипломатски канали. Жалбата на Киев за исклучувањето од разговорите ја поттикна тирадата на невистини на Трамп во вторникот.

Зборувајќи доцна во вторникот, Трамп рече: „Денес слушнав: „О, добро, не бевме поканети. Па, вие сте таму три години. Требаше да ставиш крај по три години. Никогаш не требаше да ја  започнете војната. Можеше да направиш договор“.

Неточното тврдење дека Украина некако ја започнала војната долго време го повторуваат Кремљ и неговите поддржувачи. Конфликтот започна во 2014 година, кога Русија илегално го анектира Крим, јужниот украински полуостров, и почна да ги спонзорира проруските сепаратисти во источна Украина.Москва потоа започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, напаѓајќи го својот помал сосед ноќе, испраќајќи тенкови преку границата, бомбардирајќи украински градови и испраќајќи специјални сили во Киев за да го убијат Зеленски.

Нападот на Трамп врз Зеленски, кој беше поздравуван како херој во САД поради отпорот на рускиот Блицкриг во Киев на почетокот на војната, беше графички знак за тоа како новата американска администрација го смени ставот  за поддршка на жртвата на инвазијата и сега го наградува агресорот. Во тој контекст предмет за потсмев стана и државниот секретар Марко Рубио кој едно изјавуваше пред да дојде на позицијата, а друго сега.

„Имаме ситуација кога немавме избори во Украина, каде што имаме воена состојба“, им рече Трамп на новинарите.Тој, исто така, тврдеше дека рејтингот на Зеленски е „на 4%“ иако анкетите во Украина  покажуваат дека има повисока поддрпка од него, односно 57 отсто. Гласање среде воена зона во која илјадници Украинци станаа внатрешно раселени или избегаа од земјата го оцени невозможно дури и украинската опозиција. Очигледно чувствителен на критиките дека ја папагализира руска пропаганда во неговите изјави за војната, Трамп инсистираше: „Тоа не е работа со Русија; тоа е нешто што доаѓа од мене“.

Последните избори во Украина требаше да се одржат минатиот април, но Зеленски рече дека не е можно гласачите да излезат на гласање во време на војна – позиција што е поддржана од Уставот на земјата.

Инсистирањето на Трамп гласачите да го кажат своето мислење во демократијата е иронично со оглед на неговото сопствено одбивање да ја слуша пресудата на Американците на претседателските избори во 2020 година што ги загуби. И уште подрско е откако Путин остана на власт повеќе од две децении со одржување на лажни избори и наметнување на тешка домашна репресија.

На изјавата на Трамп реагираше и поранешниот шведски министер Карл Билт кој Путин и Трам ги нарече „двајца слепци“.

„Од каде ја доби Трамп смешната бројка од само 4 отсто поддршка за Зеленски во Украина:? Не би исклучил дека тоа му го кажал Путин. Ако е така, тоа е извонредно, а потоа е и неверојатно колку лошо е информиран Путин а ситуацијата во Украина. Двајца слепци“, напиша Билт на социјалните мрежи.

Реагираше и поранешниот британски премиер Борис Џонсон со обратна порака. 

„Кога ние Европејците ќе престанеме да бидеме скандализирани од Доналд Трамп и ќе почнеме да му помагаме да ја заврши оваа војна? Се разбира, Украина не ја започна војната. Вака може да кажете и дека Америка ја нападна Јапонија во Перл Харбор. Се разбира, земјата која е подложена на насилна инвазија не треба да организира избори. Немаше општи избори во Обединетото Кралство од  1935 до 1945 година.Се разбира, рејтингот на Зеленски не е 4%. Тој е  всушност ист како на Трамп.

Изјавите на Трамп немаат за цел да бидат историски точни, туку да ги шокираат Европејците за да тргнат во акција. Конкретно, САД гледаат 300 милијарди долари замрзнати руски средства – главно во Белгија. Тоа е готовина што може и треба да се искористи за да се плати Украина и да се компензираат САД за нивната поддршка. Зошто Европа го спречува одмрзнувањето на готовината на Путин? САД веруваат дека Белгија, Франција и други земји блокираат, а  тоа е апсурдно. Треба да станеме сериозни и брзи“, напиша Џонсон.