Зеленски: Можни се преговори со Русија под украински услови

Иако украинскиот претседател дава цврсти изјави, сепак, има промена на реториката од септември наваму


 

Украинскиот претседател ја навести можноста за мировни преговори со Русија, промена од неговото претходно одбивање да преговара со претседателот Владимир Путин, што дојде во пресрет на клучните избори во Соединетите Држави.

Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница доцна во понеделникот „да ја принуди Русија на вистински мировни преговори“ и ги наведе неговите вообичаени услови за дијалог: враќање на сите окупирани територии на Украина, компензација за штетата предизвикана од војната и гонење на воените злосторства.

Тоа е промена во реториката барем од човек кој потпиша декрет кон крајот на септември во кој се наведува „неможноста да се водат разговори“ со Путин. Но, бидејќи неговите предуслови се чини дека се неприфатливи за Москва, тешко е да се види како тоа ќе ги унапреди разговорите.

Западното оружје и помошта беа клучни за способноста на Украина да се бори против руската инвазија. Но, среднорочните избори во САД во вторник ќе го дефинираат износот и обликот на идната политичка и финансиска поддршка на Вашингтон за Украина.

Доколку републиканците ја освојат контролата врз Конгресот, би можело да стане потешко за администрацијата на претседателот Џо Бајден да истурка големи пакети воена и друга помош за Украина.

Русија и Украина одржаа неколку рунди разговори во Белорусија и Турција на почетокот на војната, која сега се приближува до својат деветти месец. Разговорите заглавија откако последната средба на делегациите во Истанбул во март не дадоа резултати.

Зеленски во понеделникот рече дека Киев „постојано предлагал (разговори) и на кои секогаш добивавме луди руски одговори со нови терористички напади, гранатирање или уцени.

Но, тој неодамна одби да преговара со Путин – самиот тој ја промени тактиката откако тој постојано повикуваше на лична средба со рускиот лидер. Кремљ ја отфрли секоја таква средба.

Жена стои пред меморијалниот ѕид за паднатите украински бранители во војната во Киев (Фото: АП)

Во меѓувреме, Русија продолжи со повиците за разговори по успешната контраофанзива на Украина на истокот и југот на земјата која започна во септември, но Украина оттогаш ја отфрла можноста.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Руденко, во вторникот истакна дека Москва не поставува никакви услови за продолжување на разговорите со Украина и го обвини Киев за недостиг на „добра волја“. „Ова е нивен избор, ние секогаш сме ја изјавувале нашата подготвеност за такви преговори“, рече Руденко.

Во понеделникот, италијанскиот весник „Ла Република“ објави дека сојузниците на Украина во НАТО, наводно, предвидуваат преговори да започнат откако Украина повторно ќе го заземе регионот Херсон, така што Киев ќе започне од посилна точка.

Украинскиот претседателски советник, Михаило Подаљак, изјави за Радио Свобода дека Украина ќе преговара со Русија само откако руските трупи ќе ја напуштат целата територија на Украина, вклучително и оние што ги окупираше во 2014 година.

Подаљак рече дека САД ја третираат Украина како рамноправна и дека нема принуда. Тој рече дека Украина победува и затоа да се седне на преговарачка маса сега би било „глупост“.

„Никој не ја принудува Украина на непрофитабилен преговарачки процес, поточно, да го прифати рускиот ултиматум“, рече Подаљак.

Подаљак рече дека Русија ѝ понудила на Украина само ултиматуми и Украина верува дека секое примирје создадено со овие ултиматуми ќе биде привремено. Тој рече дека Русија едноставно ќе користи примирје за повторно да ја вооружи и модернизира својата армија, а потоа „да го даде истиот ултиматум“.

За САД, рече Подаљак, е „исклучително корисно“ Украина да ја добие војната, прво затоа што тоа ќе им сигнализира на другите авторитарни лидери дека ако нападнат друга земја, меѓународното право ќе се почитува, и второ, затоа што САД и нивните сојузници инвестираа премногу за да дозволиме Русија да победи.

„Ако Украина не ја добие војната… тогаш… и покрај големата и моќна финансиска, економска, воена и советодавна помош од земјите на НАТО, пред сè САД, ќе победи Русија. Разбирате што ќе се докаже во тој случај! Дека руската војска… е многу подобра, Русија навистина ја има ‘втората армија во светот’ (и) Русија може да диктира услови“.

На прашањето дали извештаите во весниците затоа се лажни, Подаљак тврдеше дека весникот можеби ги добива нивните информации од проруски политичари, иако се воздржа од отфрлање на извештаите како целосно лажни. (Според агенциите)