Зеленски им порача на Русите да проучат што значат „репарации“
„Ние немаме најголема територија, немаме нуклеарно оружје, не ги снабдуваме меѓународните пазари со нафта и гас, но имаме наши луѓе. Ја имаме нашата земја и се бориме за неа“, рече украинскиот претседател во видео обраќање
Одбранбените линии се спротивставуваат на руските напади, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето во четвртокот, додавајќи дека руското гранатирање не престанало од полноќ.
„Не можеме да изгубиме ништо освен нашата слобода“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина секојдневно добива испораки со оружје од меѓународните сојузници.
Зеленски истакна дека пред две години Украина го забележала првиот случај на Ковид-19, додека земјата била „нападната од втор вирус“ пред една недела, мислејќи на руската инвазија.
Украинскиот претседател посочи дека промената на руската тактика и гранатирањето цивили во градовите покажуваат дека Украина успешно го собори првичниот руски план за брза победа.
Тој ѝ порача на Русија да го проучи терминот „репарација“ бидејќи Киев ќе бара компензација за уништеното во инвазијата.
Тој исто така рече дека Украина плаќа пензии и дава бенефиции за оние кои не можат да работат поради војната. Тој истакна дека 16.000 странци се пријавиле да се борат на украинската страна.
Во емотивниот говор, Зеленски рече дека Украинците преживеале две светски војни, Холодомор, холокаустот, советскиот терор и нуклеарната катастрофа во Чернобил, како и руската анексија на Крим и поддршката за бунтовниците на истокот.
„Ние немаме најголема територија, немаме нуклеарно оружје, не ги снабдуваме меѓународните пазари со нафта и гас, но имаме наши луѓе. Ја имаме нашата земја и се бориме за неа“, рече Зеленски, а на крајот му се обрати и на претседателот Владимир Путин.
„Зачувајте ги вашите сопствени луѓе што зборуваат руски. Не низ целиот свет, туку дома. Има многу такви таму, околу 150 милиони. И тука… Слава на Украина!“, му порача Зеленски на рускиот претседател Владимир Путин.