Зеленски бара временска рамка за членството, не сака условена како за Македонија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не е задоволен од тоа што му го нуди НАТО затоа што Украина не доби временска рамка за приклучување кон Северноатлантската алијанса.
„Незамисливо и апсурдно е да не се постави временска рамка ниту за поканата, ниту за членството на Украина“, напиша тој во остра изјава на Твитер. „Се чини дека нема подготвеност ниту да се покани Украина во НАТО ниту да стане членка на алијансата“, додаде тој.
„Сега, на пат кон Вилнус, добивме сигнали дека се разговара за одреден текст без Украина“, додаде Зеленски. Тој нагласува дека текстот се однесува на „повикот да стане членка на НАТО, а не на членството на Украина“.
„Неодлучноста е слабост. И јас отворено ќе разговарам за тоа на самитот“, вели тој.
Тој вели дека без временска рамка за покана на Украина за членство во НАТО, „се остава простор за дискусија за членството на Украина во НАТО во преговорите со Русија, а за Русија тоа значи мотивација да продолжи со својот терор“.
Киев призна дека Украина нема да може да се приклучи на НАТО додека трае војната со Русија – но бара јасна временска рамка за влез.
Новинарите во Вилнус јавуваат дека во завршните заклучоци ќе се најде нешто како што доби Македонија во 2008 година, односно условена покана. Според тие извештаи во заклучоците јасно ќе стојат зборовите „поканува“ или „покана“ , но условено и без конкретна временска рамка. Таквата покана, колку и да изгледа нереална за Киев, и ја гарантираше отворена вратата на НАТО на Македонија веднаш штом се исполнат условите.