„Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“ како најава за Моден викенд Скопје во март

Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија во Северна Македонија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија


Во периодот од 21-30 март 2026 година, Северна Македонија ќе биде домаќин на меѓународната дизајнерска резиденција „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“, која ќе обедини десет истакнати модни дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и Северна Македонија. Обединети околу заедничката заложба за одржливост како долгорочна и суштинска практика, учесниците ќе создадат платформа за креативна размена, иновација и културен дијалог.

Учесници – дизајнери: Ане Шарлинг Тофт (Данска / Норвешка), Ана Рингстад (Норвешка), Јустина Семченкаите (Литванија), Тува Самуелсон (Шведска), Мико Пелтонен и Билел Сехли – HÄN (Финска), заедно со дизајнери од Северна Македонија – Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска. Ментор на резиденцијата е Ирина Тошева (Северна Македонија).

Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија во Северна Македонија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри.

 „Амбасадата на Шведска во Скопје со гордост ја иницираше иницијативата што ги поврзува младите креативци од Нордиските, Балтичките и Балканските земји, со цел да поттикне промени за поголема одржливост во модната индустрија. Модните дизајнери отсекогаш биле на челната линија на иновациите и инспирацијата за идните генерации – преку оваа иницијатива ќе покажеме дека одржливоста и „зелените“ практики се современи, модерни и вистински насочени кон иднината.“, изјави Ола Сулстром, Амбасадор на Шведска во Северна Македонија.

Осмислена како интензивна и интеркултурна програма, резиденцијата комбинира онлајн подготвителна фаза со деветдневен престој во Северна Македонија. Преку заедничко истражување и практична креација, учесниците ќе ги истражуваат одржливите модни практики засновани врз еколошка одговорност, културно наследство, занаетчиство и современ дизајн.

Програмата вклучува курaторно патување низ Северна Македонија, поврзувајќи ги дизајнерите со локални занаетчии, традиционални техники на изработка и текстилни производствени капацитети. Дополнително, ќе се реализираат едукативни работилници во локални училишта со цел поттикнување на свеста за одржливост и креативна одговорност кај младите.

Резиденцијата ќе кулминира со заеднички креирана капсулна колекција и селектирани уметнички објекти, развиени преку соработка помеѓу нордиско-балтичките и македонските дизајнери.

Финалните дела ќе бидат претставени преку изложба во рамки на Моден Викенд Скопје, кој ќе се одржи во периодот 27-29 март, 2026 година, истакнувајќи го трансформативниот потенцијал на одржливата и прекугранична соработка.

„Веруваме дека иднината на модата се создава преку соработка, храброст и одговорност. Оваа резиденција не е само креативна средба, туку простор каде различни култури, идеи и вредности се спојуваат за да создадат нова, поодржлива модна приказна за регионот и Европа“, изјави Светлана Богова Јовановска, претставник на Македонското модно здружение.

 Со оваа иницијатива, резиденцијата има за цел да инспирира и охрабри нова генерација дизајнери од Западен Балкан активно да придонесат кон создавање позелена и поодговорна модна индустрија — индустрија длабоко втемелена во културниот идентитет и зајакната преку меѓународна соработка.