Зборувајте како Филипче


ЕРОЛ РИЗАОВ

Или зошто д-р Венко Филипче стана личност со најголема доверба во јавноста и кога соопштува добри и лоши вести

 

Новиот стил на комуникација со јавноста  што го применува д-р Венко Филипче секој ден е пример на висока стручна, комуникациска, политичка и општа култура. Со владеење на проблематиката, со аргументацијата, со организаторските способности, со смиреноста, толеранцијата и сугестивноста во време на големата здравствена криза и силниот налет на пандемијата од корона вирусот, во вонредна состојба, соопштувајќи и лоши и добри вести, Филипче стана личност со најголема доверба во земјата.

Она што помалку се гледа, но силно се чувствува кај сите нас кои живееме во страв и неизвесност за своето здравје и егзистенција, е неговата стрплива и ненаметлива колективна терапија, со препознатливиот смирувачки глас без повишени тонови и ниту збор или гег на ароганција.

Филипче зборува разбирливо со голема  внимателност тоа што го кажува да не се добие политички и партиски призвук, но и со етичност и толеранција да не се потценува секоја критика, незнаење, а во некои случаи и тенденциозност. Без самобендисаност и вообичаена надменост на македонските политичари, Филипче одговара стрпливо на сите прашања и кога се повторуваат и на кои веќе одговорил без потценување на јавноста и на новинарите. Тој во медиумите веднаш, од првиот ден на пандемијата, препозна добри партнери во битката со вирсот. Во неговиот говор нема претензии за слава. Успехот го препишува на јавноста и на директните учесници од првата линија на фронтот во оваа нерамноправна војна со невидливиот непријател. Грешките и пропустите на други ги прифаќа и како свои. Дури кога очекуваме да биде лут и категоричен за непочитување на апелите и законските одредби тоа го прави со смирен тон и замолница за разбирање укажувајќи на последиците.

Човекот знае да каже не знам и имате право

И гледај чудо. На јавната сцена се појави министер кој без комплекси знае да каже не знам, ќе проверам и утре ќе ве известам. Но, не заради тоа да го одбегне одговорот, туку утредента, или во најбрзо можно  време, следува и одговорот: проверив, имате право ќе преземеме мерки, или на таа проблематика веќе се работи во надлежните институции.

Дури и кога станува збор за очигледна лажна вест и дезинформација Филипче објаснува со аргументи, со светски и домашни стручни практики, како да се работи за разбирливо непознавање на новинарите.

Непосредниот повод за оваа колумна не е Венко Филипче бидејќи тоа сите го гледаме, туку она што многу често не сакаме да го видиме и слушнеме. Тоа е говорот и јавното обраќање на нашите политичари, министри, пратеници, партиски лидери потпароли, адвокати, судии деловни луѓе, универзитетски професори, редовни учесници во јавните дебати, аналитичари и колумнисти, новинари и голем број јавни личности, за жал и граѓани, нивни следбеници, кои преку таканаречените јавни телевизиски трибини истураат во етерот огромни количини  агресија, нетрпеливост, ароганција, лаги, клевети и навреди, лутина, омраза, сатанизација на луѓе, популизам и гола партиска пропаганда.

Застрашувачка некултура и примитивизам

Ако тоа беше разбирливо во првите години на независност и во периодот на долгите години на режимот на Груевски со  недостапност на медиумите за многу проскрибирани личности од јавниот живот, сега тоа наликува на масовен примитивизам и провинционализам, на тешка злоупотреба на непопречуваната  можност да се учествува во јавна дебата.

Комуникациската некултура е застрашувачка која укажува на трагичните последици на нивото на заостанатоста на Македонија, не само во споредба со Европа, туку со соседните балкански држави. Се разбира, лажните вести и популизмот се присутни секаде, и во најразвиените демократски држави, но балканштината како кај нас во највисоките политички и самонаречени  интелектуални средини е на ниво од почетокот на минатиот век со бескруполозно кршење на основните морални и човечки принципи.

На што личат нашите партиски лидери и портпароли во својот секојдневен јавен настап, многу често и по неколку пати. Тие го создаваат, во спрега со медиумите и социјалните мрежи, амбиентот на делби и омраза со алармантните повици на војна, и на спасување на државата од домашни и надворешни непријатели, небаре сме пред граѓанска војна.

Густината на  откриени скандали, криминали, корупција, на тешки злоупотреби не дозволува да се разликува што е лага, а што вистина. Наклеветените луѓе треба да докажуваат дека се невини, а не тие што клеветат, непозната работа кај нас во толку посакуваното владеење на правото кое никогаш не го остваривме.

Живееме и работиме во 30-годишна перманентна предизборна валкана кампања во битките за власт. Младите луѓе кои се формираат како личности во ова време таа агресија ја прифаќаат како нормална и неопходна за да се разберат пораките на нивните идоли, кои во мирен и еден пристоен демократски амбиент со своите скромни способности би биле анонимни личности.

Тажниот производ на таа постојана повеќегодишна духовна и антицивилизациска агресија е изградбата на нездраво општество каде никој не останал неисплукан и непонижен, доколку најави и најмал обид да го соопшти јавно своето мислење, или не дај боже своите амбиции да учествува во политичкиот натпревар. Истиот момент ќе биде искомромитиран да не може ни мајка му да го препознае. Не останаа поштедени од сатанизација и валкање политички нарачани лустрации на историски личности оснивачи на првата современа македонска држава и значајни дејци и творци.

Го зедов Венко Филипче за пример како најочигледен доказ дека може да се стекне доверба кај граѓаните и да се постигнат посакуваните ефекти на еден сосема друг начин, со едно поинакво, искрено и мирно обраќање и комуникација со јавноста. Се разбира, тоа е потешкиот пат, за тоа е неопходно знаење, но и демократска широчина и култура. Граѓаните на Македонија, барем мнозинството, по овие горчливи искуства и стресни состојби, треба веќе да ги препознаат агресивните лажни повици за нивно спасување. За почеток е добра проверената максима на медиумскиот детектор за лаги, штом некој агресивно вика и кажува нешто во името на народот: Не му верувајте.