Завршува продолжениот викенд, се очекуваат гужви на Евзони – Богородица


По завршувањето на првомајскиот продолжен викенд, денеска се очекува зголемен интензитет на сообраќајот на граничните премини при враќање од Грција кон Македонија и регионот.

Најголеми гужви се најавуваат во попладневните и вечерните часови, кога најголем број граѓани традиционално се враќаат дома по краткиот одмор.

Како најоптоварена точка се очекува да биде граничниот премин Евзони – Богородица, каде во исто време се среќаваат возила од повеќе земји од регионот. Засилени задржувања се можни и на преминот Дојран, како и на другите гранични премини кон Македонија.

Со очекуваат гужви на патиштата и од традиционалните излетнички места во Македонија – од Крушево, Маврово и од Охрид. 

На 1 мај, вкупно 14.000 патници ја поминале македонската граница на граничниот премин „Богородица“ на пат кон Грција, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Корисници на социјални мрежи пријавија различни искуства – од брзо поминување на границата до чекање од околу еден час, при што најголеми задржувања имало кај автобусите.

Подолг застој на границите се забележува и во останатите викенди, поради примената на ЕЕС регулативата која стартуваше на 10 април.

Портпаролот на грчката Влада на брифинг, на новинарско прашање, дали ќе се одложи имплементацијата на системот и кај балканските туристи, соопшти дека регулативата ЕЕС им дава различни алатки и можности на земјите-членки за справување со евентуални притисоци на граничните премини, а Грција ќе ја оценува состојбата и ќе ги презема соодветните мерки за да го опслужува зголемениот број патници и да е во согласност со законските правила.

Српските туристи летово може да поминат полесно на грчките граници, откако од Белград пристигнаа најави дека Грција ќе применува пофлексибилен режим за новиот европски систем за влез и излез, познат како EES.

Иако официјална одлука за целосно суспендирање на системот нема, српските претставници очекуваат дека во шпицот на туристичката сезона контролите нема да се спроведуваат во полн обем. Целта е да се избегнат големи застои на граничните премини, особено во периодот кога илјадници српски туристи патуваат кон грчките летувалишта.

Генералната конзулка на Србија во Солун, Јелена Вујиќ Обрадовиќ, изјавила дека не очекува формален документ со кој EES би бил суспендиран за српските граѓани, но дека постојат уверувања оти Грција ќе го искористи просторот за флексибилна примена на системот во текот на летото. Според тие најави, од 1 јуни до крајот на август системот не би требало да создава дополнителни задржувања за српските туристи.

Во пракса, тоа би значело дека во најфреквентните периоди контролата може да се сведе на побрза проверка на документите, наместо целосна биометриска процедура за секој патник. EES предвидува регистрација на лични податоци, фотографија и отпечатоци од прсти за државјани на земји кои не се членки на ЕУ и Шенген, а системот го заменува класичното ставање печати во пасошите.

Темата е важна и за Македонија, бидејќи EES важи за сите патници од земји надвор од ЕУ и Шенген, вклучително и македонските граѓани. Минатата недела Туристичката комора при Сојузот на стопански комори побара од грчкото Министерство за туризам привремено одложување на примената на EES и за македонските граѓани во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.

Новиот систем веќе предизвика подолги чекања на дел од европските граници и аеродроми, поради што неколку туристички и авиокомпании побараа поголема флексибилност во летната сезона. Грција, според британски и европски медиуми, веќе применува пофлексибилен пристап за дел од патниците, со цел да се избегнат поголеми гужви во туристичкиот шпиц.