Им нуделе по илјадарка на тинејџери да „дилаат“ дрога во училиште во Карпош
На деца од 13 до 15 години им било понудено за илјада денари да продаваат дрога на соученици во основно училиште на територија на скопски Карпош. За овие индиции била известена полицијата и разговарано на Совет на родители, покажува записникот до кој имаше вид Колегиум.мк. Поради тековна полициска проверка, редакцијата не го објавува името на училиштето.
Според индиции што биле споделени со родителите, станувало збор за повозрасни деца кои не се дел од основното училиште, злоупотребувале група деца од осмо и деветто одделение за „пренесување на недозволени материи за паричен надомест“.
Родители велат дека се затекнати од појавата на дрога во основно училиште и предупредуваат дека границите на ризично однесување кај децата се поместуваат.
„Кога слушнав дека осмоодделеци нудат амфетамини во основно училиште сериозно се исплашив“, вели мајка на шесттооделенка која учи во посоченото школо во скопски Карпош.
„Веднаш седнав да разговарам со ќерка ми, да ја предупредам. Не се надевав дека муабетот за превенција од дрога ќе треба да го правам со дете на возраст од 12 години“, вели таа.
Загриженост споделуваат и други родители.
“За нас дома, ова ни беше аларм дека е време да почнеме да разговараме на оваа тема дома, за да ги едуцираме децата со време, бидејќи порано или подоцна може да имаат контакт и да паднат во искушение…онака како што моите родители и баба и дедо ми зборувале мене во 90-тите години кога по парковите, градинките и школските дворови се среќаваа шприцеви од зависници. Истото го правам сега и јас со моето дете, за да има свое јас, да знае како да се справи ако некогаш се најде во ситуација да му биде понудено да проба, а притоа да не биде стигматизирано дека нема храброст или дека не следи одредени трендови во друштвото“, вели татко на десетгодишно момче во скопски Карпош.
Според тоа што со родителите били споделено од стручните служби на училиштето, станува збор за поголеми деца кои помалите ги намамуваат за илјада денари да дилаат или да бидат курири, разнесувачи на „прашкаста материја“.
„Дефинитивно МВР треба повеќе внимание да обрне на ова, бидејќи некој веќе посега да направи мрежа во која ученици ќе им разнесуваат дрога“, додава тој.
Од почетокот на јануари до март годинава, полицијата привела седум деца на возраст од 14 до 18 години за продавање на дрога, велат од Министерството за внатрешни работи за Колегиум.мк.
„Дополнително, Ве информираме дека по претходно изготвен План, полициски службеници од СВР Скопје вршат проверки во содејство со психолошко педагошките служби во училиштата на дел од учениците при влез во сите средни училиштата во Скопје“, се вели во одговорот на МВР.
Во изминативе неколку дена полицијата врши проверки на школски ранци кај средношколци пред влезовите на училиштата во потрага по дрога. Полициските контролите се вршат на влезовите на повеќе средни училишта низ главниот град, каде што некои ученици при пристигнување треба да го отворат ранецот, а полицијата визуелно да го прегледа она што го носат, пишува порталот мкд.мк.
Целиот текст ТУКА