Заврши пасошката голгота на иселениците, амбасадите отсега ќе земаат податоци


Министрите за надворешни и внатрешни работи, Бујар Османи и Оливер Спасовски, денес промовираа 15 базни станици кои почнаа да се инсталираат во дипломатско-конзуларните преставништва на Македонија во странство и со кои ќе се реши, како што рекоа, 30-годишната голгота на нашите иселеници при вадењето патни исправи.

Досега, нашите иселеници мораа да дојдат во земјата за да извадат пасош или да ги чекаат мобилните тимови на МНР, кои двапати годишно доаѓаа во амбасадите за да ги соберат потребните податоци, по што чекаа четири до шест месеци да ги добијат документите. Откако почна епидемијата со корона вирусот, вадењето пасоши за некои од нив стана и невозможно, така што овој процес Спасовски и Османи го преставија како „револуција“ во издавањето документи на иселениците. 

-Досега обезбедувањето документи траеше 4 до 6 месеци, преставуваше малтретирање за граѓаните и предизвикуваше големи трошоци за МНР , рече Османи.Според него, 15-те базни единици ќе бидат инсталирани во исто толку амбасади во Европа, САД, Канада и во Австралија – во Берлин, Бон, Берн, Брисел, Минхен, Љубљана, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Мелбурн,Виена и  Торонто.Спасовски и Османи притоа најавија дека намерата е во иднина да има вакви базни станици за земање податоци и отисоци во сите дипломатски преставништва во Македонија. Од нив девет се фиксни, а шест мобилни и чинат 150.000 евра што се исплатени од буџетот. 

-Првпат од независноста  граѓаните дома и во дијаспората ќе имаат еднакви услови при вадењето документи, рече Спасовски додавајќи дека само неактивноста ги оставила иселениците да поминуваат низ пасошка голгота изминатите триесет години. Османи пак додаде дека за тоа каде да ги инсталираат базните станици им помогнале податоците од пописот што изминатите месеци се одвива во дијаспората. 

На прес конференцијата Спасовски исто така соопшти дека откако се обнови издавањето лични карти отпечатени се 13.000 од насобраните 40.000 и дека очекува за две недели да се реши проблемот.