Затворен еден од последните независни медиуми во Русија – радиото Ехо на Москва


 

Одборот на директори на радиото Ехо на Москва гласаше за затворање на радиото и веб-страницата на медиумот, изјави главниот уредник Алексеј Венедиктов во четвртокот на својот канал на Телеграм.

Прес-службата на холдингот „Гаспром-Медиа“ ја потврди оваа информација. Причината е одлуката на властите да го запрат ширењето на медиумите поради покривањето на конфликтот во Украина.

На руските медиуми им е забрането да користат сопствени извори и дописници за покривање на конфликтот, туку можат да емитуваат информации објавени само од државата. Руските медиуми немаат право она што се случува да го нарекуваат со друга дефиниција освен онаа на Путин – „специјална воена операција“.

„По разгледувањето на наредбата на Јавното обвинителство на Руската Федерација за ограничување на пристапот до Ехо на Москва, на 3 март бордот на директори на Ехо на Москва одлучи да ја прекине работата на медиумот – радио каналот Ехото на Москва и медиумот на истоименото електронско издание“, се вели во соопштението на прес-центарот на медиумот.

Венедиктов вели дека „луѓе од многу повисоко“ му навестиле за претстојната одлука. Тој денеска во 14 часот по локално време планира да ги собере новинарите од Ехо на Москва.

Венедиктов објави дека медиумскиот регулатор Роскомнадзор побарал од Гугл да ја отстрани радио апликацијата од пакетот апликации.

Радио станицата Ехо на Москва стана симбол на новооткриената слобода на медиумите во постсоветска Русија, пренесе АФП. Причината поради која престана да работи беше покривањето на инвазијата на Москва на Украина.

Така, во Русија останаа само два независни медиуми со релативно голема публика – онлајн телевизијата Дожд и весникот „Новаја газета“.