Засега не се знае на кои факултети ќе им се стави клуч


За да се постигне квалитет во високото образование, ќе се затвораат факултети. Ваквите реформи допрва ќе следуваат, бидејќи според претседателот на Владата, Зоран Заев, во државава има повеќе факултети од средни училишта. Тој во изјава за јавноста пред десетина дена најави дека ќе биде ставен клуч за некои факултети, затоа што при вработување не се бараат само дипломи, туку и знаење.

„Во образовниот процес не можеме да имаме 196 факултети, а 153 средни училишта. За младите да видат иднина овде, мора да го подобриме квалитетот на образованието. Новиот Закон за високото образование ја гарантира автономијата на универзитетите. Сега треба во практика да поминеме со подзаконски акти или одредени мерки како што се буџетски мерки“, рече Заев во интервју за телевизија 24.

Тие бројки што ги кажа премиерот не се сосема точни, но точно е дека има повеќе факултети од средни училишта.

Во Министерството во образование засега не знаат дали ќе има затворање на факултети и доколку има, на кои ќе им се стави клуч. Заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, за „Независен“ вели дека не учествувал во такви разговори меѓу Министерството и факултетите. Тој очекува до крајот на мај и почетокот на јуни да биде формирана Агенцијата за квалитет во високото образование, па после да се отвораат прашањата за квалитетот на факултетите и финансиите. Агенцијата, според најавите, треба да биде составена од Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование и таа треба да биде одговорна и за надворешно оценување на факултетите. Согласно со Законот за високото образование, директорот на агенцијата ќе го именува и разрешува Собранието, а одборите треба да имаат по петнаесет члена.

„Чекаме формирање на Агенцијата за квалитет и на Националниот совет, па да почнеме со отворање на тие прашања за високото образование, како што се финансиите и квалитетот. Дотогаш би било паушално да зборувам кои факултети би се затвориле. Јас не знам дали воопшто конкретно е нешто разговарано за ова. Веќе има преписка со сите страни што треба да делегираат членови за одборите во секторот за високото образование при Министерството, има предлози за членови во органите од Интеруниверзитетска конференција, шест члена ќе треба да бидат именувани од Владата. Работите одеа бавно поради изборите“, посочува Атанасов.

Од Министерството велат дека целосно затворање на високообразовна установа може да се случи само доколку не ги исполни условите кои ги наложуваат законите и доколку тоа биде утврдено од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Оттаму подвлекуваат дека Владата во соработка со високообразовните установи секоја година ги дефинира квотите за упис на нови студенти, кои зависат во најголема мера од податоците со кои располага Агенцијата за вработување, односно од податокот дали и во колкав број одреден тип кадар недостасува во земјата или, пак, е суфицитарен и тоа ја ограничува големината на квотата за упис на одредена студиска програма.

„Согласно со новиот Закон за високото образование, овие тела треба да се формираат до 17 мај годинава. Но, поради неодамнешниот изборен процес, чија организација и спроведување влијаеја и на одложување на дел од активностите за основање на овие тела, процесот очекуваме да биде заокружен до крајот на овој месец или почетокот на следниот“, велат од МОН.

Постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование е започната. Одлуката за тоа помина на седница на Владата, по предлог на Министерството за образование и наука уште во декември 2018 година.

 

Во државава има над 130 факултети и 128 средни училишта

Во државава, високообразовна дејност организираат 28 високообразовни установи, од кои шест се државни универзитети, една приватно-јавна непрофитна високообразовна установа (Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово), 10 приватни универзитети, четири високостручни школи и четири научни институти каде што се организираат студии од втор циклус на студии, како и два факултети: Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и Факултет за исламски науки во Скопје. Исто така, високообразовна дејност организира и Воената академија  „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, која е формирана со Закон за Воена академија, а која работи согласно со Законот за високото образование (која реализира студии од трите циклуси). Во однос на средните училишта, во земјата има 108 јавни средни училишта и 20 верифицирани приватни средни училишта.

Неодамна  актуелниот претседател на Одборот за акредитација и евалуација, Владо Камбовски, за „Независен весник“ истакна дека минатата година одбиле една третина од барањата за акредитација на студиски програми, а во периодот 2017 и 2018 година биле акредитирани 1 300 студиски програми. Меѓутоа, Одборот изминатата година не одзел акредитации. И  Камбовски има забелешки дека во земјава има преширока мрежа на високообразовни установи, односно над 130 факултети, дури повеќе од бројот на средни училишта и е дециден дека тие треба да се рационализираат.

„Не сме одзеле акредитација на студиски програми затоа што не беа спроведени постапки за евалуација, ама од барања што доаѓаа кај нас за оценување, најмалку една третина ги одбивме како несоодветни за студиски програми. Високообразовните установи не беа реакредитирани и сега ќе почне постапката за тоа. Услов е и да има евалуација, да има групи кои ќе извршат длабинска анализа на работите во тие установи и на крај ќе дадат свои мислења, дали има доволно професори, дали се квалитетни програмите, дали имаат библиотеки. Во Македонија има преширока мрежа на високообразовни установи, со над 20 универзитети, со повеќе од 130 факултети, во нив има над 700 студиски програми, а бројот на студенти од година в година се намалува. Време е да се изврши рационализација. Да започне со евалуација и она што е вредно да остане, а тоа што не е да се трансформира, да се редуцира и евентуално да се укине“, рече Камбовски.

Во текот на 2017 и 2018 година беа укинати дисперзираните студии на постојните универзитети во помалите места, бидејќи имаше дуплирање и се случуваше во еден град да има четири правни факултети. Но и натаму останува преголемата бројка на универзитети и факултети, кои сега треба да се селектираат низ ригорозни критериуми за гарантирање на квалитет, што ќе биде работа на Агенцијата за квалитет на високото образование.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер