Заробени сме во домот, но не и во душата: Винка Саздова открива зошто е момент за карантински приказни


Лејла Сабит

Сега е вистинско време за приказни, вели авторката, новинар и издавач Винка Саздова. Стишува џевата и буката надвор, а светот во нас оживува. Внатрешната перцепција се засилува. Забележуваме ситни нешта околу нас што не сме ги забележувале досега, будни сме за секоја мисла и чувство што се пројавува во нас. Ловиме нијанси, ја освестуваме сопствената сензитивност, го чувствуваме дури и допирот на крилјата на птиците што летаат слободно на небото. А ние заробени… Во домот, но не и во душата.

Зошто е време за карантински приказни, како е да се пишува во изолација, дали конечно читањето книги ќе го замени шопингот и дали е ова време на виртуелна култура Саздова открива во интервјуто за nezavisen.mk . Прочијте го, ќе ве воодушеви.

Како Издавачки центар ТРИ, кој го водат успешно вашите тројца синови, во екот на коронавирусот на пошироката публика и зададовте пишувачки предизвик „Карантински приказни“ . Што е целта?

-Целта е јасна. Сакаме да го поттикнеме убавото, креативното во секој оној кому му е близок пишаниот збор. Ги поканивме идните раскажувачи и авторите на ТРИ да напишат барем по една карантинска приказна. За оние што првпат ќе се обидат да пишуваат расказ, но не само за нив, и за сите останати, се разбира, мајсторот на зборот, познатиот писател и теоретичар, и автор на ТРИ, Венко Андоновски, напиша мошне корисни совети.

Сега е вистинско време за приказни. Стишува џевата и буката надвор, а светот во нас оживува. Внатрешната перцепција се засилува. Забележуваме ситни нешта околу нас што не сме ги забележувале досега, будни сме за секоја мисла и чувство што се пројавува во нас. Ловиме нијанси, ја освестуваме сопствената сензитивност, го чувствуваме дури и допирот на крилјата на птиците што летаат слободно на небото. А ние заробени… Во домот, но не и во душата.

Од сите раскази што ќе пристигнат до крајот на април, ќе се изберат најдобрите и ќе се објават во електронско издание. Ќе биде тоа вистинска антологија на изолацијата. Книжевна хроника на овој планетарен карантин.

Плажите кога најмногу имаме време да читаме, сега ги заменивме со домашна атмосфера. Дали, за жал, во овие околности, конечно читањето книги ќе го замени шопингот?

-Па тоа е толку очигледно. Кому му е сега до облека и други дребулии? Треба душата да се храни, а не да се кити телото. Овој вирус ни понуди многу лекции, додуша сосила, ама, сепак не подразбуди. Најважната е дека треба да се свртиме кон вистинските вредности. Кон Себе. А читањето е токму тоа. Книгата е огледало на нас самите. Себеси се бараме во туѓите зборови. Патуваме, спознаваме, откриваме светови без да се поместиме.

Инаку, не се согласувам дека се чита само на плажа. Можеби таму малку повеќе, малку поочигледно, но, се чита, постојано. Показ за тоа е се поголемиот број книги што ги објавуваат македонските издавачи, книжарниците што се отвораат. Добра вест е тоа за нас.

Вие сте плоден автор со зад себе пет романи, во текот на кариерата и познат новинар од културата, како издавач секогаш полна со идеи и да препознаете талентиран автор и од понудените текстови-иден бестселер. Што ви е во план?

-Сега и јас ја пишувам својата карантинска приказна,а потем, откако ќе ја завршам, продолжувам со новата книга за која веќе направив груба скица. Што ќе излезе од тоа, ќе видиме. За мене пишувањето е вистинска авантура. Почнувам со една носечка идеја која во процесот на создавање се надградува, преобликува, а понекојпат и се заменува за нова. Поначесто самата се изненадувам од напишаното. Затоа го сакам пишувањето. Тоа е како чекорење по некој непознат пат за кој не знам каде ќе ме одведе.

Како е да се пишува во изолација? Дали заканата од вирус влијае на креативноста, во смисла ја потикнува или ја намалува?

-Додека пишувам јас сум секогаш во карантин, додуша доброволен, но сепак карантин. Понекојпат и со месеци. Ми треба тишина. Ми треба себеси да се чујам. Затоа поголемиот дел од годината, барем досега, го минував во Охрид, а понекојпат и во Маврово. Нема средби, нема комуникации. Само телефонски разговори со семејството, и тоа проретчени. Значи, мене ништо не ми се менува. Единствената промена е што сега и во Скопје можам да бидам во осама. И тоа е одлично. Тука сум, близу, а раат од надворешниот свет.

Вирусот… веројатно секој од нас различно рагира на опасноста што демне од сите страни. А можеби и исто реагираме, којзнае. Мое лично мислење е дека оваа состојба ја поттикнува креативноста. Не можеме долго да се плашиме, мораме да почнеме да се занимаваме со убави нешта. Епикур рекол: Во кризни времиња мудрите луѓе си ја копаат својата градина. Мојата градина е пишувањето, за некој друг сликањето, свирењето, готвењето… Ете, тоа треба да се прави. Секој од нас да си ги негува цвеќињата во својата градина-душа. Та нели и Достоевски беше рекол: Убавината ќе го спаси светот. Да се спасиме првин себеси со сопствената убавина, а потем таа ќе се прошири и потаму.

Ова е време на виртуелна култура, кога културните институции се затворени, и тука и во светот и се прават виртуелни тури низ уметнички галерии и музеи. Колку тоа ќе влијае на духот на секој поединец, на публиката и на вработените?

-Дека никој од нас нема да биде ист откако сево ова ќе помине, е сигурно. Но какви ќе бидеме? Поодговорни? Посвесни? Пољубовни? Се молам да биде така.

Ова е ретка можност за психолозите и социолозите, и воопшто за сите научници што се бават со човекот. Пред нашите очи се одвива експеримент на планетарно ниво. Како реагира човекот во изолација? Што прави кога ништо не прави, кога ќе му се одземат секојдневните активности со кои го пополнувал времето? Кој му е системот на вредности, приоритетите? Кои особини на личноста се засилуваат, станува ли подобра или… и што уште не.

Сите ние имаме бескрајни галерии и музеи во себе. Време е да ги откриеме и посетиме.

И вие вашите книжарници времено ги затворивте и се префрливте на Интернет. Дали во Македонија имаме традиција на читање книги како во светот?

-Интернет продажбата е многу засилена, (по пошта ги доставуваме книгите што се нарачуваат од нашата интернет книжарница), а деновивме стартувавме и со апликацијата на електронските изданија. Зачудувачки е интересот: за само една недела преземени се околу 25 илјади книги од 44 држави ширум светот. Додуша, дел од своите изданија ТРИ овој месец ги понуди бесплатно, како свој придонес во ова време кога сите треба да сме солидарни, кога секој треба да даде тоа што може, но тоа не е важно. Важно е дека се чита. А ќе се чита уште повеќе. Верувам во тоа.

Како го доживеавте коронавирусот? Колку вонредната состојба и полициски час ви влијае на секојдневниот живот?

-Ужасната страна сите ја знаеме, та затоа нема да ја повторувам. Откако ми мина првиот наплив на страв и немоќ, почнав да ги гледам предностите. И да уживам во нив. Освен што ми недостига движење (јас секој ден пешачам најмалку по десет километри), сѐ друго ми е таман. Никогаш не сум била ноќен човек, та затоа не ми пречи полицискиот час. Дури и ми годи-не морам да одам некаде кајшто во други околности би”морала”. Сега денот ми е долг, развлечен како во детските години. Никаде не брзам, никаде не треба да стасам. Имам време на претек, за сѐ. Можам на раат да читам, гледам филмови, (среќа што има интернет, зашто сум филмофил) готвам, чистам по дома. Е сега, малку ми недостигаат децата и внуците, ама вежбам ”отсуство на недостиг”. Важно е сите да сме живи и здрави. Се прегрнува и со мисла.

На кои лекции не (не) научи пандемијата?

-Најголемата лекција е дека треба да му се радуваме на секој миг, на секој нов ден. Тоа што многу мислители го беа кажале, дека смртта му дава смисла на животот, сега го разбираме длабоко, однатре. Треперејќи пред невидливиот непријател ги узнаваме вистинските вредности за кои порано сме мислеле дека се само мудри мисли и ништо повеќе. Но, сега стануваме свесни дека тие мудри мисли, доколку ги применуваме, ќе ни дарат живот, вистински живот. Ќе набројам само неколку:

Биди одговорен кон себе и кон другите. Природата е твое огледало. Биди добар човек. Постои само сега и овде. Сврти се кон себе, кон најблиските. Алчноста е погубна. Имаш два избора: да бидеш уплашен или радосен. Што одбираш? (Стравот замени го со радост) Имаш сѐ за да бидеш среќен: жив си, здрав, те грее сонцето…Тогаш, зошто бараш повеќе одошто ти треба? итн. итн.

Се надевам, најискрено се надевам дека после сево ова човештвото ќе направи квантен скок кон свесноста. Ќе се разбуди.