Започна Светското првенство на латино танци во Скопје
Светското првенство во латино танци почна вчера во хотел „Александар Палас“ во Скопје каде што оваа година учествуваат танчери од 22 различни земји во светот и предвидено е да трае до 10 ноември.
Како што е наведено во соопштението, наградуваните македонски танцови студија, „Eat the Beat“ и „Break a leg“, како организатори на годинешното првенство и постигнатиот успех Скопје да е домаќин на настан од глобален размер, успеаа да ја мапираат Македонија на почесната мапа на светски метрополи и градови, каде се организира ова традиционално, но сепак модерно танцово натпреварување во латино.
-Овие денови Скопје дефинитивно танцува во латино ритам, а со истото горди сме што сме дел од една убава уметничка приказна, доловена од бројни талентирани латино танчери од целиот свет, дојдени во Македонија за да ја пренесат токму моќта на танцот. Ги покануваме сите љубители на танго, самба, бачата, салса, ча-ча-ча, или пак, меренге, да дојдат и да се сведоци на уникатната глетка на изведбата на искусните учесници на најпознатите латино танци во светот. Како домаќини, ветуваме дека ќе оставиме траен впечаток кај сите посетители и учесници. И покрај културните разлики на 22-те земји учеснички, сигурни сме дека страста и љубовта кон латино танците е заедничкиот јазик, којшто ги спојува и зближува сите земји, кои се присутни деновиве во главниот град. Долгогодишното искуство и високото ниво на професионализам на „Eat the Beat“ и „Break a leg“ е и повеќе од доволна причина и потврда дека Македонија има капацитет да ѝ биде доделена палката за организација на првенство од ваков светски размер. За нас е голем предизвик да се создаде ваква платформа во срцето на Балканот, каде очите на светот ќе го видат квалитетот и вложениот труд на 22 земји учеснички во Скопје. За нас, а се надеваме и за целата јавност, ова првенство претставува многу повеќе од еден обичен традиционален натпревар. Светското првенство во латино танци овие денови има главна улога во танцовата изведба на славење на љубовта кон ритмичкиот израз на културата, историјата и традицијата на латино танците, – нешто коешто се негува многу одамна низ целиот свет, а и во Македонија, наведуваат организаторите во соопштението.
Организаторите ветуваат незаборавно латиноамериканско искуство за целата јавност во земјава и пошироко, како и за сите вљубеници во динамиката и страста на ритмите, со коишто се поистоветуваат бројните видови на латино танците, како неминовен дел од годинешниот забавен шампионат.