Започна реконструкцијата на улицата „9“ во Илинден


Општина Илинден започна со реализација на еден од позначајните инфраструктурни проекти – целосна реконструкција на улица „9“ во н.м Илинден, делница што претставува важна сообраќајна артерија која секојдневно ја користат голем број граѓани.

Станува збор за реконструкција на коловоз во должина од околу 1.100 метри и широчина од 6 метри, како и тротоари од двете страни на улицата, со што значително ќе се подобрат условите за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Паралелно со реконструкцијата на патната инфраструктура, се реализира и целосна санација и модернизација на водоводната мрежа во должина од приближно 1.200 метри. Со поставување на нови водоводни цевки со кои ќе се обезбеди посигурно и поквалитетно водоснабдување за жителите, а воедно по повеќе од четири децении ќе се решат проблемите со намален притисок и дотраена водоводна инфраструктура која создаваше тешкотии во водоснабдувањето, особено во летниот период.

Увид во почетокот на градежните работи изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека проектот има исклучително значење бидејќи улица „9“ претставува главна сообраќајна врска меѓу повеќе населени места и патни правци, а долж неа се наоѓаат значајни јавни институции, меѓу кои Општината, ООУ „Гоце Делчев“ и Домот на култура „Илинден“.

Со оваа инвестиција Општина Илинден продолжува со континуирано вложување во модернизација на инфраструктурата, создавајќи подобри услови за живот, поголема безбедност и поквалитетни комунални услуги за сите граѓани.