„Скопје1“ дознава: Две жени се повикани во полиција по ширењето објави дека скопската вода не е за пиење


Фото: Б. Грданоски

Две жени кои споделувале објави дека водата во Скопје не е за пиење и има бактерии се повикани во полициска станица, дознава „Скопје1“.

Ова доаѓа откако скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција кажа дека намерно се правела паника меѓу граѓаните и дека зад сето тоа стоела опозициска политичка партија.

Двете жени ќе треба да кажат кој им ја дал информацијата, зошто ја споделиле иако не ја провериле, а полицијата ќе треба да најде одговори на прашањата дали за намерно правење паника биле платени фејсбук профили.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска на прес-конференцијата реагираше на ширењето непроверени информации за наводна контаминација на скопската вода со бактерии, по што, како што посочи, добил повеќе од 200 пораки од вознемирени граѓани. Тој апелираше да не се создава паника и нагласи дека безбедноста на водата не треба да биде предмет на политички пресметки.

Ѓорѓиевски обвини дека на социјалните мрежи се шират непотврдени информации кои предизвикуваат вознемиреност, а како последица граѓани почнале масовно да купуваат вода во маркетите. Тој најави дека надлежните институции ќе постапат против оние кои намерно шират лажни информации.

Воедно, градоначалникот посочи дека ЈП „Водовод и канализација“ редовно ја испитува водата преку својата лабораторија, која, според него, врши анализи на повеќе локации во Скопје и помага и во други градови. Како пример го наведе Гостивар, каде што лабораторијата во изминатиот период извршила околу 300 анализи.