Запален билборд на Таравари, тој чека институциите да откријат што се случило


 

Во текот на ноќта помеѓу 6 и 7 април во Град Скопје бил запален билборд на кој се наоѓа рекламен плакат за претседателскиот кандидат Арбен Таравари, соопштија од коалицијата „Вреди“ која побара виновниците да бидат казнети.

„На полноќ бевме известени дека бил опожарен еден билборд од кандидатот Арбен Таравари на улицата кај Зоолошката градина во Скопје. Би сакале да веруваме дека е несреќа, но билбордот од другата страна воопшто не беше допрен. Се знае која партија има насилници и криминалци во своите редови, се знае која партија ја користи власта за да се збогати и да го плаши народот. Времето на страв заврши“, пишува во реакцијата на албанската опозициска коалиција.

Оттаму додаваат дека ќе го заменат билбордот со нов, а покрај од институциите задолжени за спроведување на законот бараат реакција и од меѓународните набљудувачи.

Во изјава за медиумите Таравари го коментираше настанот со опожарениот билборд. „Се надевам дека институциите на системот ќе ја завршат работата. Единствено што знам е дека јас никогаш не би направил такво нешто на мој противкандидат, да се надеваме дека не е ништо намерно и смислено“, изјави Таравари замедиумите.