Запален автомобилот на Чомбе во Кисела Вода

Ноќеска околу 3 часот по полноќ, запален и пеплосан бил автомобилот на Ѓорги Галетановски – Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, пренесува „Слободен печат“.
Галетановски за порталот ја потврдил информацијата, објаснувајќи дека автомобилот му бил паркиран пред зградата во која живее во скопската населба Кисела Вода.
-Автомобилот е „пепел“. Ми се јави брат ми, вели – ти гори автомобилот, се слушаат експлозии, гумите пукаат. Се симнав долу, веќе беше пристигната противпожарна екипа, а лицето што го направило ова е видено како бега, слаб, висок со дуксер. Позната е траекторијата на движење на лицето. Ниту сум скаран со некого ниту пак некој ми се заканувал. Апелирам до МВР и министерот што побрзо да го фатат сторителот. Не ми е за материјалната штета, туку за животот во Кисела Вода, не сакам младите да живеат со вакви проблеми во населбата каде сакам да има мирен живот и во Скопје да не се случуваат вакви работи, изјави за „Слободен печат“ Галетановски.
Палењето на автомобилот го осуди СДСМ.
„СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски. Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи.Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“, стои во реакцијата на СДСМ.