Западот „црта“ план како со руски пари да ја плати обновата на Украина


Западните влади почнуваат да скицираат идеи – од заплена на имот до данок на нафта – за да се соберат стотиците милијарди долари потребни за реконструкција на уништените градови, аеродроми и фабрики во Украина.

Нема сомнеж дека сметката за војната ќе биде астрономска по нападот на Русија на 24 февруари. Центарот за економска политика и истражување даде проценка од 200 до 500 милијарди евра за трошоците, но овие финансиски проекции се зголемуваат секој ден  со пролонгирањето на војната и на деструкцијата.  Киев ја одредува штетата на приближно 1 трилион долари ,кога ќе се земе предвид загубата на потенцијалниот економски раст. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди Русите дека ќе мора да се навикнат на зборот „репарации“.

„Ќе ја обновиме секоја куќа, секоја улица, секој град“, вети Зеленскиј во видеообраќање минатиот месец. „Ќе ни надоместите за се што направивте против нашата држава, против секој Украинец, во целост“.

Одземањето на тие пари од контролата на Русија покренува низа мачни правни проблеми. Додека функционерите на ЕУ проучуваат дали средствата што им припаѓаат на санкционираните олигарси – како јахти и слики во масло – би можеле да бидат насочени кон напорите за реконструкција, тие суми се скромни во споредба со она што е потребно. Резервите на руската централна банка од стотици милијарди во странство се примамлива цел, но странските средства се заштитени со меѓународното право, а нивното конфискување ќе бара подвиг на правен инженеринг кој никогаш претходно не бил успешно изведен.

Стефан Шил, професор во Центарот за меѓународно право во Амстердам, кој е домаќин на Центарот за воени репарации, рече дека има „значајни правни пречки“ за голема рација на резервите.

„Постои меѓународно право што го става имотот на странските држави под посебна заштита“, додаде тој.

Други опции вклучуваат принудување на Русите на договор за репарација како дел од мировното решение. Ова би можело да го следи моделот користен по ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година така што ќе се издвои одреден дел од приходите од нафта за да се платат трошоците за реконструкција.

Во помалку конфронтирачки пристап, шефот на буџетот на ЕУ го претстави Маршаловиот план за Украина, според кој Европа ќе издвојува милијарди во обид да го приближи Киев до кругот на ЕУ, слично како што направија САД со Европа по Втората светска војна. Европските финансиски институции велат дека треба да имаат улога околу заемите со ниски камати за Киев, но други предупредуваат дека тоа би натрупало преголем должнички товар на осакатената држава.

Запленувањето на руската цврста валута што е на дофат е примамливо, но сложено. Седум земји кои учествуваат во санкциите против Русија поседуваат речиси половина од сите руски девизни резерви од 585 милијарди долари заклучно со јуни 2021 година, според руската централна банка. Оттогаш, девизните резерви се зголемија на 640 милијарди долари. Иако ова сè уште е далеку од потребната сума, тоа би покривало значителен дел од неа. Според ова сценарио, САД, Обединетото Кралство, земјите на ЕУ, Канада и Јапонија ќе треба да организираат заплена и конфискација на речиси 300 милијарди долари што се чуваат на нивните територии.

„Парите се таму, ќе се бара националното законодавство да ги овласти централните банки да ги користат овие пари, кои сега се замрзнати“, рече Роберт Литан, нерезидентен постар соработник во програмата за економски студии во Институтот Брукингс.

Литан укажува на резолуцијата на ОН од 2005 година која вели дека „државите треба да настојуваат да воспостават национални програми за репарација и друга помош на жртвите во случај страните одговорни за претрпената штета да не можат или не сакаат да ги исполнат своите обврски“.Според Литан, тоа „го воспоставува принципот дека, ако нацијата агресор како Русија, не е во состојба или не сака да обезбеди репарации, тогаш може да има некој друг механизам“.

Иако таа резолуција би обезбедила потенцијална правна основа за акција, ваков вид заплена никогаш досега не бил направен. Најблискиот потенцијален преседан – напорите на САД да искористат 7 милијарди долари од замрзнатите средства на авганистанската централна банка за обезбедување хуманитарна помош за Авганистан – сè уште е во тек. Шемата за плаќање ќе трае со месеци и може да биде правно оспорена. Одделно, роднини на загинатите на 11 септември 2001 година поднесоа конкурентни барања за репарации од истите авганистански фондови, а американските судови допрва треба да донесат одлука за ова прашање. Секој обид да се исчистат руските средства на сличен начин би се покажал уште покомплициран, поради бројот на вклучени јурисдикции.

Франција, земјата во која Русија чуваше најголем дел од своите девизни резерви по Кина, рече дека замрзнатите средства не можат да се користат за таа цел, според портпаролката на француското Министерство за финансии. Портпаролот на германското Министерство за финансии одби да коментира. Одделно, земјите би можеле да ги запленат и конфискуваат средствата замрзнати преку санкции против поединци.

Таканаречената Работна група за замрзнување и запленување формирана од Европската комисија до петокот зграпчи 29,5 милијарди евра, покрај  јахти, хеликоптери, недвижности и уметнички дела на олигарси и луѓе поврзани со Кремљ во вредност од околу 6,7 милијарди евра. Според официјални претставници на ЕУ, дипломати и украински функционери, се водат разговори за тоа дали овие средства – или средствата од нивната продажба – би можеле да бидат наменети за реконструкција на Украина. Сепак, тие конфискацијата може да се случи законски само под ограничени околности и  тоа ќе зависи од националниот кривичен закон во секоја земја.

„Нашата работна група може да послужи како платформа за истражување дали и до кој степен замрзнатите средства може  да бидат предмет на замрзнување и конфискација доколку ги исполнуваат стандардите на релевантното национално кривично право. Ова е тековна дискусија во рамките на работната група“, рече претставник на ЕУ. Сепак, дури и ако тој обид успее, ќе покрие само ограничен дел од потребите на Украина.

Поконзистентен прилив на приходи би било Русија да плати репарации како дел од мировното решение. Ова може да наметне данок од одреден процент на приходите на Москва од извозот на нафта, како што беше направено со извозот на нафта од Ирак за плаќање на репарации за нејзината инвазија на Кувајт. Според Торбјорн Бекер, директор на Стокхолмскиот институт за транзициска економија и главен автор на „Планот за реконструкција на Украина“,  би можело да биде во интерес на Русија да плати данок ако беше понизок од попустот со кој во моментов е принудена да ја продава својата нафта поради ефективно ембарго од западните купувачи.

„Ако данокот не е поголем од попустот што тие веќе го имаат за продажба на нивната нафта, тоа би имало смисла и од нивна гледна точка“, рече тој. 

Сепак, Комисијата за компензација на Обединетите нации, која беше формирана да се занимава со овие прашања, заврши пред два месеци, а секој нов договор со посредство на ОН ќе треба да го заобиколи руското вето во Советот за безбедност.

„Ако [Комисијата за компензација] сè уште беше поставена, можеби ќе беше можно да се согласи со нова програма преку процедурална одлука без руско одобрение“, рече Марти Коскениеми, професор по меѓународно право на Универзитетот во Хелсинки. „Сега ќе треба да помине нов обид преку Генералното собрание“, рече тој. „Не мислам дека тоа е најверојатниот исход, но тоа е политички посакуваниот исход“, додаде тој.

Русија, исто така, може да биде принудена да плати репарации од свој џеб како дел од договор, но извлекувањето остри отстапки од поразената Русија можеби не е политички пожелно. Точните услови што ги бараа сојузничките сили по Првата светска војна историчарите во голема мера ги сметаат за клучна улога во поставувањето на Германија на патот кон Втората светска војна.

„Според мене, нереално е, освен ако „победничките сили“ би го диктирале мировниот договор на Русите. Не сум сигурен во мудроста ни да размислувам во тие термини“, рече Коскениеми.

Дури и пред да ги принудат Русите да платат, постојат други опции. Меѓународните финансиски институции кои обезбедуваат финансии по евтини услови веројатно ќе играат улога. Европската банка за обнова и развој „апсолутно“ ќе биде вклучена, рече Беата Јаворчик, главен економист на банката, додавајќи дека приватните инвеститори исто така ќе бидат клучни.

„Мислам дека ова ќе биде особено важно во контекст на обновата на Украина, бидејќи потребите ќе бидат големи“, рече таа.

Слично на тоа, Европската инвестициска банка сака да ја одигра својата улога, особено во поглед на чекорите за пристапување на Украина кон ЕУ.Сепак, средствата од развојните банки и институции како Меѓународниот монетарен фонд би дошле како заеми, што би можело да ја соочи Украина со огромна сметка за финансирање на долгот.

„Ако размислите каде е Украина денес, таа веќе има значителни долгови. Значи, ако додадете на тој куп долгови, ќе имате само должничка криза по патот. Затоа мора да бидат грантови, а не заеми“, рече Бекер. „И тогаш е прашање кој ги вложува парите за грантовите“, рече тој.

Очигледниот одговор е тоа да го направи ЕУ. Комесарот за буџет Јоханес Хан минатата недела го претстави Маршаловиот план  за Украина што треба да го предводи ЕУ заедно со меѓународните партнери.

„Тоа мора да биде глобален напор и може да биде нешто вакво, Маршалов план од 21 век за да и помогне на земјата  брзо да закрепне“, рече Хан. Осврнувајќи се на обидот на Украина да се приклучи на блокот, тој додаде: „Тоа исто така може да доведе до побрзо приближување кон Европската унија“. (Политико)