Западниот Балкан нема една „татковина на криминалот“


Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал  објави извештај во кој ги разоткрива глобалните жаришта на организираниот криминал во кој се вклучени групи од Западен Балкан. Во него, во делот на добро поврзаните луѓе од Балканот во Прага, се споменува дека Сашо Мијалков, додека бил шеф на тајната полиција во Владата на Никола Груевски, не пријавил средства и имот, вклучително и недвижнини во вредност од околу два милиона долари.

Според забелешките во извештајот „таквите лица развиле добри контакти во политиката и бизнис заедницата“. Фактот што позицијата на клучните луѓе од Балканот вмешани во наркотици, коцкање и недвижнини, останала релативно непроменета во последните неколку децении сугерира дека овие играчи се чувствуваат удобно во чешкото општество поради своите контакти. И колку поетаблирани стануваат, толку подобри ќе стануваат нивните врски со локалните администрации кога станува збор, на пример, за недвижнини, јавни тендери и градежниот бизнис“.

Извештајот укажува дека една од причините зошто Чешка станала жариште за криминалните групи од Балканот е и коцкањето.

„Од раните 90-ти години, земјата се користи од страна на групи на организиран криминал за перење пари преку објекти и уреди за коцкање. Во моментов има помала потреба да се користат бизнисите со коцкање како начин на перење пари. Ова се должи на подобрената положба на структурите на организиран криминал од Западен Балкан базирани во Чешка, во рамки на глобалните мрежи на организиран криминал.Сега можат да користат меѓународни мрежи за да перат пари наместо да ги чуваат во Чешка. Работењето на криминалните групи во Западна Европа покажува како тие ги искористиле можностите, и успеале да се излактаат во веќе добро воспоставените криминални пазари“, стои во извештајот.

Извештајот ги истражува и криминалните групи од Западен Балкан, кои најчесто склучуваат зделки со хероин во Турција.Извештајот сугерира дека не постои единствен „Балкански картел” сам по себе, иако групите од регионот понекогаш соработуваат, а има и примери на мултиетнички групи.

„Во Западен Балкан не постои само една татковина на криминалот, ниту пак еден главен криминален ум од регионот, кој стои зад активностите на различните групи. Сепак, регионот има историја и социоекономски услови, кои создадоа фактори на одбивање кои довеле до извоз на криминална активност“, се вели во заклучокот на истражувањето, кое додава дека и криминалното владеење создава фактори некои поединци и групи, да развиваат мрежи и да перат валкани пари.

Иако Западен Балкан често се претставува како жариште на недозволена активност, регионот е релативно мал пазар за организираниот криминал. Големите пари лежат на друго место, стои во извештајот. Затоа, групите од Западен Балкан се вплеткале во организираниот криминал во странство, особено во Јужна Африка, Турција, Австралија, како и во некои земји од Латинска Америка и Западна Европа.Во повеќето жаришта, криминалните групи од Западен Балкан изминатите 20 години се искачувале по вредносниот синџир на организираниот криминал.

-Лица од мали гратчиња од Западен Балкан сега организираат испорака на повеќе тонски пратки кокаин од џунглите на Латинска Америка преку некои од најпрометните пристаништа во Европа, сè до улиците на нејзините главни градови. Морнари од мали балкански пристаништа користат јахти за да испорачаат дрога до Јужна Африка или Австралија, или за да шверцуваат мигранти од Турција до Западна Европа.Кокаинот е една од најпрофитабилните стоки за криминалците од Западен Балкан. Извештајот покажува како групите од регионот се вклучени во финансирањето, превозот и дистрибуцијата на големи количества кокаин испорачан од Јужна Америка до Европа. Добрите зделки со локалните криминални групи, како и пристапот до кокаин на самиот извор, во комбинација со нивното присуство во поголемите европски пристанишни градови, значи дека криминалните групи од Западен Балкан се во можност да го контролираат снабдувањето со кокаин од почеток  до крај. Ова им овозможува да ги намалат цените при што заштедата им ја оставаат на потрошувачите, да испорачаат добар квалитет по фер цена, и на тој начин да ја нокаутираа конкуренцијата.
Благодарение на овој бизнис-модел, некои криминални групи од Западен Балкан сега се во премиер-лигата на криминалот, се оценува во извештајот.

Извештајот покажува дека криминалните групи од Западен Балкан кои оперираат во странство се модерни, динамични и со претприемачки дух. Покажале способност да се прилагодуваат, да воведуваат иновации и да користат технологија за остварување на своите цели: на пример, користење енкриптирани форми на комуникација; истражување нови рути и средства за недозволена трговија, како на пример „нарко-авиони”; и перење на парите преку криптовалути, оф-шор засолништа и во своите матични земји.

Иако проблемот со организираниот криминал од Западен Балкан е во голема мера преселен во странство, активностите на овие криминални групи штетат на угледот на нивните матични земји, особено во процесот на пристапување кон ЕУ. Извештајот исто така истакнува дека некои од латентните услови на ранливост кои довеле до тоа луѓето да си одат од Западен Балкан во минатото сè уште постојат – имено, невработеноста, корупцијата, недостатокот на можности, револтот кон сопствените влади и бавниот процес на пристапување кон ЕУ. Извештајот предупредува дека „доколку овие состојби не се средат, маса на млади луѓе од Западен Балкан или од дијаспората и понатаму ќе биде подготвена да ризикува живот да го помине во криминал”.

Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал е непрофитна меѓународна организација која се состои од мрежа од повеќе од 300 независни глобални и регионални експерти.